Во саботата во 7 часот во Македонската амбасада во Канбера и конзулатот во Мелбурн (еден ден пред Република Македонија), се отвори гласањето по референдумот за името.
Во избирачкиот список во Канбера беа запишани 103 избирачи, а во Мелбурн 104. Право на глас имаа само оние што имаат државјанство и биометриски пасош или лична карта, и требаше претходно да се регистрираат за гласање. Во Австралија (според пописот од 2016) живеат околу 100.000 Македонци по потекло од сите делови на Македонија и веднаш се гледа колкав е интересот за гласање. За споредба ви ги прикажуваме и колку луѓе излегле на претходните гласања во 2014 година кога беше избран Мики Додевски за пратеник со 560 гласови, потоа во 2016 година следеше Васко Наумовски со 881 гласови.
Гласањето го набљудуваа по четворица набљудувачи на Светскиот македонски конгрес во Канбера: Светлана Шапкароска, Џим Стефановски, Сузана Митева и Стефан Каранфиловски, и четворица во Мелбурн: Вера Трајкоска, Тони Китановски, Сузи Кристов, и Роберт Стојановски. До крајот на денот излезноста во Канбера беше 8 проценти од вкупниот број запишани избирачи 103, а во Мелбурн околу 9 проценти од вкупниот број запишани избирачи 104.
Пред Македонската амбасада во Канбера и конзулатот во Мелбурн имаше мала група Македонци кои го искажуваа својот револт против референдумот. Сепак правниците искажаа тешки забелешки против снимањата во Мелбурн пред конзулатот и објавувањата на интернет на лицата кои дошле да гласаат. Како прво се нарушува приватноста и одозгора никој не знае дали воопшто гласале и при тоа како гласале. Законски не смее да се врши притисок и агитирање пред гласачките места. Ова јасно укажува дека гласањето во дипломатските претставништва треба веднаш да се укине бидејќи Македонија нема ниту сила да ги обезбедува местата ниту стомак да ги гони прекршителите на законот. Адвокатите им сугерираат на оние кои се шиканирани и навредени дека ќе можат да си ја бараат правдата во судовите на Австралија за дефамација.
Државната изборна комисија го одржа гласањето во дијаспората на 33 гласачки места во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија, со број на гласачи: Берн 321, Венеција 264, Љубљана 217, Виена 151, Торонто 151, Лондон 139, Бон 119, Хаг 107, Берлин 105, Мелбурн 104, Канбера 103, Минхен 88, Њујорк 83, Чикаго 81, Брисел 74, Стокхолм 72, Париз 61, Рим 52, Копенхаген 51, Вашингтон 45, Детроит 44, Прага 35, Софија 32, Осло 28, Загреб 27, Абу Даби 26, Белград 24, Подгорица 21, Анкара 17, Атина 15, Букурешт 14, Истанбул 13 и Будимпешта 10, или вкупно 2.694 гласачи.
Гласање не се одржа во дипломатско-конзуларните претставништва поради помалку од 10 пријавени гласачи во: Варшава 9, Отава 9, Токио 9, Мадрид 8, Москва 8, Тирана 6, Доха 5, Астана 4, Приштина 4, Сараево 4, Пекинг 3, Каиро 2, Њу Делхи 2 и Талин 1, или вкупно 74 гласачи.