РЕФЕРЕНДУМ ВО БРИТАНИЈА
На помалку од две недели пред британскиот референдумски ден, на кој ќе се одлучува дали Kралството излегува или останува во Европската Унија, избирачкиот список стана централен проблем.
Последна ситуација со крахот на електронскиот систем за регистрација на гласачите ја покажа слабоста и недовербата кон институциите надлежни за списокот на гласачите. Па, така, откако британската влада соопшти дека крајниот рок за регистрација ќе го продолжи за 48 часа бидејќи системот не функционираше два часа пред истекот на рокот на 7 јуни на полноќ, следуваа остри критики од анти-ЕУ кампањата чии партии се убедени дека ова е обид на владата предводена од Дејвид Kамерон за референдумска измама.
Недовербата на партиите од анти-ЕУ движењето произлегува од фактот што според анкетите се јавува сe’ поголем интерес за гласањето кај младите од 18 до 34 години, а токму тие се про-ЕУ настроени.
Но, крахот на системот не е единствената слабост. Имено, проблеми со британскиот избирачки список се јавиле уште на почетокот од годинава кога од него биле избришани 800.000 имиња на фантоми, односно непостојни личности или духови, како што и самата влада ги нарече.
Генерално, статистички гледано, гласачкото тело на Англија во 2015 година броело 44.722.000 гласачи, односно 1,3 проценти помалку од бројот на гласачите регистриран во 2014 година, кој изнесувал 45.325.100.
Оваа бројка забележува уште подраматичен пад ако се спореди бројот на гласачите во 2014 со оној во 2013 година, кој изнесува 46.139.900. Разликата е 1,8 проценти помалку гласачи во 2014. Така што Британија е една од ретките земји во светот каде што нема војна или слични потреси, а во која бројот на гласачи се намалува, додека истовремено се зголемува бројот на жители. Така, на пример, во 2012 година Британија имала 63,7 милиони жители, а во 2015 – 64,8. Истовремено, во Британија годишно се раѓаат околу 660.000 бебиња, па мала пресметка лесно покажува дека во оваа земја не живеат 20 милиони луѓе на возраст од 0 до 18 години (колку што е разликата меѓу бројот на жители од 64 милиони и бројот на гласачи од 44 милиони), туку неколку милиони помалку. Сите останати имаат право на глас, а таа бројка би требало да изнесува околу 50 милиони. Kаде се останатите?