Неофицијално Боки 13 изрекетирал повеќе бизнисмени за сума од над 5 милиона евра!

Рекетот на групата со Боки 13 не бил само кај бизнисменот Јордан Камчев, кој случајот го пријавил во полиција – објави „Економски Лидер” повикувајќи се на извори во истрагата.

Освен Камчев, биле рекетирани и десетици други бизнисмени и компании кои платиле рекет вреден над 5 милиони евра. “Лидер” пишува дека постои интенција ОЈО да го прошири случајот за обвинителско-медиумски рекет, но од високи политички кругови овој процес се блокира, затоа што во него сигурно ќе настрада Јанева, но и најмалку двајца други високи функционери на владејачката СДСМ.
Извори од ОЈО за „Лидер” брифирале дека во компјутерот на Јовановски биле пронајдени компромитирачки материјали за педесетина познати бизнисмени, а имало и снимки со приватна содржина од сексуални односи. Во истрагата сомнително било што голем дел од материјалите кои ги поседувал Боки 13 се во формат кој алудира дека се извлечени од МВР.
Ова носи индиции дека во рекетот биле вклучени високи функционери на власта кои се поврзани со безбедносните служби, за што пишуваше и новинарот Бранко Героски, кој алудираше на функционерката со прекар „ФРИКИ”. Освен со материјали од СЈО, рекетот се вршел и со материјали извадени од МВР и Финансова полиција.
Како што се дознава од извори во Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, истрагата треба да се прошири и ќе се побараат искази од други бизнисмени, затоа што по текот на парите се утврдило дека обвинителско-медиумската група собрала пари од нив.
Неофицијално се зборува дека оваа група изрекетирала пари од Ратко Димитровски (сопственик на печатницата „ЕВРОПА 92″) кој наводно платил 500.000 евра за СЈО да му го врати пасошот и да го стопира прогонот во случајот „Поштенска Банка”.
За истиот случај бил изрекетиран и сопственикот на компанијата „НОЕЛ” од Гевгелија, Томе Главчев, кој платил неверојатни 1 милион евра за Катица Јанева и СЈО.
Наводно жртва на рекет на истата групација бил и Цветан Панделески, газдата на „Лозар Пелистерка”, кој исто како и Орце Камчев беше дел од случајот „Империја” и исто како Камчев беше ослободен од притвор и му беше вратен пасошот. За оваа услуга од СЈО, според извор од истрагата, Панделевски платил 1.5 милион евра.
Текот на парите наведува дека рекетиран бил и бизнисменот Владимир Тодоровиќ од „ТИНЕКС”, од кого оваа група извлекла 200.000 евра. Но Тодоровиќ јавно говореше дека овие пари ги дал како бизнис-соработка (договор за рекламирање и ПР со 1ТВ), а не како рекет.
Се шпекулира и со информацијата дека жртва бил и Сиљан Мицевски од Битола, кој наводно платил рекет од 2 милиона евра за да не биде поврзан со некој од случаите на СЈО.
Жртва на рекетот наводно била и компанијата “Трим и Лум” од Струга, која наводно платила 800.000 евра.
Се очекува во наредните денови сите овие бизнисмени да сведочат за овој рекет, а освен нив, орбитираат и имињата на Зоран Азманов од „НАСТЕЛ”, кој јавно проговори дека бил рекетиран и имаше јавна препирка со Боки 13.

Останати вести