Сантос го оспорува рекордот на Mеси: На Пеле му се украдени 448 гола!

Лионел Меси го прослави тоа што му тргна од нога да го собори рекордот на Пеле по бројот на постигнати голови за еден клуб, а за ова му честиташе и легендарниот Бразилец, па му честиташе целиот свет. Тргнаа и маркетиншките акции по тој повод. Но, сега пристигна – протест.

Бразилскиот клуб Сантос во соопштението кое го објави на официјалниот сајт се побуни против рекордот на Меси, со тврдење дека играчот на Барселона е далеку од скорот кој го оствари Пеле носејќи го нивниот дрес.
Што е спорно? Добар дел од бразилската фудбалска јавност инсистира на тоа дека Пеле постигнал 1.091 гол во сениорската кариера. Тука се сметаат и сите пријателски мечеви кои Сантос ги одигра, вклучително и целосно недостојни противници од пониските лиги, дури и некои речиси нефудбалски селекции, собрани само за таа свечена прилика. Пеле постигна 448 голови во таквите натпревари, но тие ретко каде се водат како вистинско достигнување.
И поради тоа во Сантос се бунат, бидејќи сметаат дека како што на Лионел Меси му се сметаат во тие 644 погодоци и оние кои ги давал во пријателските мечеви, така би требало да се сметаат и оние на Пеле.
„Во тие 448 голови, кои денес ги оспоруваат се и некои против големи клубови од тие години. Пеле му даде девет гола на Клуб Америка (Мексико) и Коло Коло (Чиле). Му даде осум на Интер, ги тресеше мрежите на Риверт Плата, Бока Јуниорс, Расинг, Реал Мадрид, Јувентус, Лацио, Наполи, Бенфика и Андерлехт. Па дури и Барселона беше негова жртва и даде четири гола на четири меча”, се набројува во соопштението на Сантос.
Се осврнаа во бразилскиот клуб и на тие фудбалски лилипутанци на кои Пеле им ги тресел мрежите.
„Постои аргумент на некои аналитичари дека многу од тие 448 голови постигнати во пријателски натпревари против слабите ривали, мали или регионални тимови. Во секојс лучај и тие мечеви се играле во официјална опрема, по сите правила на играта и официјално се заведени. Потсетуваме дека и за пријателски натпревари е потребно да се добие одобрување на регионални или национални федерации. Тоа дали е ривалот силен или не, не значи ништо за статистиката. Бројките се недопирливи. Гол против Еибар вреди статистички подеднакво како оној против Валенсија. Гол против Трансвал (од Суринам) вреди исто како оној против Реал Мадрид среде Сантијаго Бернабеу”, поентираат од Сантос.
Сепак, дали овој допис нешто ќе промени? Тешко. И самиот Пеле му честиташе на Меси и му ја предаде круната како нов рекордер.

Останати вести