Турнбул: Австралија има поважни работи од дебата за република

АВСТРАЛИСКИОТ ПРАЈМИНИСЕР ПРЕДУПРЕДУВА
Австралискиот прајминистер Малколм Турнбул изјави дека во овој момент Австралија има многу поважни работи од поведувањето дебата за тоа дали земјата да стане република.

Турнбул, и самиот републиканец, смета дека отворањето дебата, која ќе значи промена на политичкиот систем, мора да потекне од јавноста.
– Не би сакал да се соочам со уште еден пораз на референдум – рече австралискиот премиер.
Во 1999 година во Австралија се организира референдум за тоа дали земјата да стане република, но мнозинство гласачи го отфрлија таквиот предлог. Турнбул тогаш ја предводеше кампањата за „Австралија – република”. Изјавата во која тој сугерира дека сега не е време за замена на монархијата со република доаѓа по само 24 часа по објавувањето на декларацијата на речиси сите политички лидери во австралиските сојузни држави и територии, со која тие изразуваат согласност земјата да не биде повеќе под круната на кралицата Елизабета. Иницијаторите на декларацијата посочија дека премиерот и лидерот на опозициските лабуристи Бил Шортен исто така се согласни за откажувањето од монархијата, а дека единствен кој не ја потпишал декларацијата е лидерот на Западна Австралија, Kолин Барнет, кој е приврзан кон републиканската идеја, но смета дека сега не е време за нејзино поведување. Kога минатата есен Турнбул стана премиер, најави дека, иако не се откажува од републиканската идеја, тоа прашање нема да го иницира сè додека кралицата Елизабета Втора се наоѓа на престолот. Австралија функционира како уставна монархија во која британската кралица Елизабета е формален шеф на државата, претставен преку генералниот гувернер на земјата.

Останати вести