Премиерот Зоран Заев беше во Берлин за да ја прими наградата за човекови права за 2020 година, која ја доделува Фондацијата „Фридрих Еберт”. Притоа објави дека преговорите со Бугарија не се прекинати и дека решение ќе се бара во декември.
– ЕУ не одобри одржување на Меѓувладината конференција со Северна Македонија поради блокадата на Бугарија. Надежите сега се селат следниот месец, во декември, доколку дотогаш се најде решение на историскиот спор кој го наметнува Софија, изјави Заев.
Наградата на Фондацијата „Фридрих Еберт” Заев ја добил поради неговиот придонес за човековите права, особено преку концептот “Едно општество за сите”, што е и придонес за вредностите на Европската унија – стои меѓу другото во образложението.
Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, кој му ја додели наградата на премиерот Заев, истакна дека Заев го донел достоинството на демократијата во неговата земја како прв чекор кон Европа. Германија заедно со С Македонија ќе продолжи да работи и во наредните денови за да се постигне успех и да се одржи првата меѓувладина конференција во времетраење на германското претседателство.
На церемонијата беа презентирани повеќе видеообраќања со честитки и многу емотивни пораки за премиерот Заев, на кои се јавија поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас, специјалниот пратеник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен.