Режирана политичка активност

Минатата седмица се појави натпис дека Македонците што живеат во Мелбурн одржале семакедонски собир и испратиле порака дека кризата во Македонија треба да се реши на избори кои ќе се одржат на 5-ти јуни. Собирот наводно се одржал под мотото „Народот се буди за одбрана на Македонија”.

Понатаму пишува дека пратеникот од дијаспората, Васко Наумовски, бил дел од собирот каде меѓу Македонците истакнал дека народот мора да се разбуди и да ја одбрани Македонија.
Во друг медиум стои дека еден од присутните В. М. се спротивставил на злоупотребата на нивната средба при што брутално бил истуркан, му била искината кошулата и му бил одземен крстот кој го носел на себе.
Барајќи информации за тоа што навистина се случило, ги контактиравме луѓето што ги има на фотографиите од собирот, Џим Котевски – Македон, претседател на задграничниот комитет на ВМРО–ДПМНЕ и Веле Мешковски, претседателот на друштвото “Могила”.
Џими Котевски ни изјави “го запознавме народот и направивме што требаше да направиме, не е важно за пијан човек што направил, што има вас тоа да ве интересира кога ич к.р не ве боли за Македонија, од сега ве ставам и вас во групата на шпиони и соросоиди”, и веднаш го зат­вори телефонот а потоа беше “храбро” недостапен.
Во потрага по директна ин­формација од настанот го побаравме и претседателот на групата “Могила” господинот Веле, кој за разлика од првиот љубезно ни објасни како се одвивале настаните пред членовите што се собираат секоја среда во просториите на фудбалскиот клуб Сиднам Парк Македонија. Дента за ручек биле собрани триесетина членови на кои подоцна им се приклучиле уште петнаесетина од други пензионерски групи на чело со пратеникот Васко Наумовски и членови на задграничниот комитет на ВМРО–ДПМНЕ. За време на говорот на пратеникот Наумовски упаѓал со коментари на незадоволство членот од групата, господин В. М., кој според нив бил поднапиен и му дофр­лал на Џими Котевски. Во тие моменти двајца што и не се членови го исфрлиле В. М. од просторијата но притоа тој го опцул Џими Котевски. Според Веле немало тепачка, а В. М., кој порано бил благајник на друштвото, отсега ќе биде исклучен.
Следувала фото сесија со присутните педесетина луѓе на фудбалскиот терен кој се наоѓа веднаш до клубската просторија. Со наменски донесените транспаренти и зна­миња во јавноста подоцна настанот е прикажан како протест под водство на пратеникот Васко Наумовски.
Дознаваме дека општината Бримбенк, што ја обезбедува просторијата за собирање на друштвото “Могила”, била видно вознемирена и побарала гаранции дека во иднина ќе се внимава на вакви и слични инциденти, со дадени ветувања дека нема да се вршат политички агитирања без претходна дозвола од општината.

Останати вести