Се одржа првиот Фестивал на древна римска култура „Scupini Romani“ (Римјани од Скопје)

Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус” беше организатор на првиот Фестивал на древна римска култура „Scupini Romani” (Римјани од Скупи) што се одржи во неделата (6 ноември) во комплексот „Ореов лад” кај Скопје.

На фестивалот беше прикажана реконструирана римска населба и беше отсликано секојдневието на Римјаните кои во антиката живееле на овие простори – покрај другото, можеше да се дегустира храна од тоа време (јадења со мед, ореви, лешници, раститетлни паштети, римски леб направен со козјо сирење, вино…) послужена во садови од керамика. Во импровизираната римска населба имаше работилници за керамика, накит, плетење, изработка на мозаик, римски фризури и обработка на метал, и секоја од нив ја водеше стручњак во областа, а беа одржани и предавања на соодветни теми. Исто така, беа презентирани и рачно изработени предмети инспирирани од оригиналните најдени на територијата на Македонија, најмногу од локалитетот Скупи кај Скопје, а кои се чуваат во музеите.
Организаторите носеа накит и автентична облека (тога, хитон, туника…) изработена од модната дизајнерка Магдалена Таневска, главно од волна и лен – како што користеле и Римјаните. Посетителите освен што имаа можност да пробаат од храната, можеа да се облечат во римска облека и да се фотографираат.
– Со оглед на богатото културно наследство од римскиот период во Македонија, сакавме да направиме настан каде посетителите ќе се вратат назад во времето и ќе ѕирнат за момент како изгледал реконструиран секојдневниот живот на старите Римјани, каква мода имале, каков накит носеле, од какви садови јаделе, на кој начин ја подготвувале храната и какви занаети практикувале, изјави Василка Димитровска, археолог и директор на „Хаемус”.
Идејата за ваков фестивал постоела четири години, односно од основањето на „Хаемус”, а интензивно го подготвувале во изминатите десет месеци.
Во организацијата на „Scupini Romani” биле вклучени и археолози од познатиот и многу посетен Археолошки парк „Виминациум” во североисточна Србија, кој е еден од најголемите локалитети од римскиот период на Балканот.
– Нашиот Виминациум е исклучително значаен локалитет, всушност воена структура, легионерска кота која датира уште од првиот век п.н.е. Тој имал значајна улога во историјата. На просторите на денешна Србија во некој момент престојувале, се родиле или поминале 17 римски императори и сите зад себе оставиле одредени археолошки вредности. Тие постепено се истражуваат за да бидат достапни на пошироката јавност, рече амбасадорката на Србија во Македонија, Душанка Томиќ, која уште истакна дека оваа соработка е потврда за добрите релации во културата меѓу двете соседни држави.

Останати вести