Композиторот, текстописец и аранжер Кристијан Габроски, познат како Ристо Бомбата, на последниот конкурс завршен во декември доби пари за 11 песни, пејачот и композитор Ѓорѓи Крстевски за четири, а пејачот и композитор Александар Ристовски-Принц за три. Парите ги дели Македонската радио телевизија (МРТВ), која е носител на конкурсите за финансирање македонска музика.
Парите ги обезбедува Министерството за култура кое на последниот конкурс, кој заврши на 29 декември, одобри вкупно $ 157,000 за вкупно 38 песни. Како што преброивме погоре во текстот, од тоа скоро половината или 18 песни се на спомнатите тројца композитори.
Габроски е автор на композиции што вкупно добиле $ 55,000 (36.000 евра). Тој е автор и на една од двете наградени песни во категоријата „Композиции со кои се афирмираат семејните вреднисти во општеството или многудетните семејства”.
Конкурсот беше објавен на 30 јуни 2017, а одлуката е донесена на 5 јануари. МРТВ ја објави и одлуката за неприфатените песни, а Габроски и Крстевски се и меѓу авторите на кои им се одбиени и најмногу песни.
Министерството за култура лани на крајот на ноември најави дека ќе го укинува Законот за поддршка на домашната музичка продукција, со кој од 2014 досега од Буџетот на државата се потрошени 2 милиони евра за финансирање создавање македонска народна и забавна музика. Министерството најави дека започна постапка за носење нов закон со кој ќе се укинува претходниот, донесен на крајот на 2013 во мандатот на министерката Елизабета Канческа-Милевска и Владата на чело со Никола Груевски. Според најавениот рок, предлог законот беше изготвен во декември.
„Факт е дека Законот е сѐ уште на сила и дека МРТВ засега постапува по него, сѐ додека Собранието не го усвои предлогот на Министерството за култура да се укине овој Закон. Но, Министерството за култура ќе преиспита дали овие одлуки на МРТВ донесени во новата година на 5 јануари, за конкурси кои се поврзани со програмата и буџетот од минатата година, се валидни и во согласност со законските прописи”, вели Министерството за култура.
Kој колку се “опари”?
Христијан Габроски стои како автор на музика, текст и аранжман на песни во повеќе категории како „афирмиран изведувач” и во забавна и во народна музика, „истакнат изведувач” во народна музика и во забавна музика, „врвен изведувач” во забавна музика, категорија ѕвезди во забавна музика, категорија композиции со кои се афирмира историјата на Македонија и категорија композиции со кои се афирмират семејните вредности во општетството или многудетните семејства.
За песните се даваат по $ 4,600, а во категорија ѕвезди скоро $ 7,000: $ 4,600 за аудиоснимање на песната и рестото за спот.
Габроски нема добиено пари за песна само во три категории: за детски композиции, „таленти” и композиции со кои се афирмира историјата на Македонија. Габроски е наведен како автор на аранжманот и продуцент на аудио и видео записите на двете песни на Дарио Панковски, за кои пејачот во категоријата „ѕвезди” од забавна музика ќе добие речиси $ 14,000.
Али Бајрам како изведувач на две композиции од народна музика во „ѕвезди” ќе добие $ 14,000, а исто колку и Авни Аљији во забавна музика.
Александар Ристевски- Принц, ќе добие пари за три композиции како „врвен изведувач”, што е и максимумот според Законот, каде стои дека еден ист пејач за една година може да добие пари за најмногу за три песни, а во категоријата „ѕвезди” за најмногу две песни.
Меѓу останатите изведувачи и автори кои се поддржани се наведени и Филип Пешевски, Валентино Стојановски, Мухамедали Амети, Анета Цветковска- Малинкова, Анета Василева, Христијан Димитриевски, Ирена Спасовска, Јовица Мицевски, Горан Наумовски, Иле Спасев, Милена Јованоска, Ристо Самарџиев, Бајрамаљи Идризи, Ана Пандевска, Ангелина Мицковска, Александар Мицковски и Блаже Алексовски.
Алаѓазовски: Конкурсот на МРТ е незаконски
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски изјави дека по добивањето на одлуките на МРТ по објавен конкурс според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, веднаш следниот ден упатил инспекциски надзор којшто констатирал дека длабоко се пробиени роковите за носење на овие одлуки и согласно тоа одлуките треба да бидат поништени.
– Од страна на инспекцискиот надзор, раководството на МРТ беше предупредено дека се соочува со кривична одговорност поради овие незаконски донесени одлуки со кои се создава штета по буџетот и кои претставуваат злоупотреба и несовесно работење во службата. Исто така раководството на МРТ беше предупредено дека склучувањето на договори со авторите по овие одлуки ќе предизвика дополнително кршење на Законот и нови основи за кривична одговорност – изјави министерот за култура Алаѓозовски на прес-конференцијата што се одржа во Битола.
Тој најави дека Министерството по целосно завршување на инспекцискиот надзор ќе ги извести сите надлежни органи да постапат во рамки на нивните надлежности во врска со овие незаконски одлуки.
– Ја известуваме јавноста дека Министерството не само што ги оспорува овие одлуки, туку почна да врши ретроактивна детална проверка на претходните конкурси за кои има сознанија и индиции за крупни неправилности – рече Алаѓозовски.
Од првичниот увид во документацијата и начинот на спроведување на легислативата воочени се, нагласи министерот, повеќе прекршувања, а едно од најфлагрантните прекршувања се однесува на членот 20 од Законот за поддршка на домашната музичка продукција, каде што се вели дека директорот на МРТ по предлог на комисијата, во рок од три дена сметани од денот на доставувањето на предлогот на комисијата, донесува одлуки за избор на изведувачите, односно композициите кои се прифатени на конкурсот.
– Извештајот на комисијата за вториот квартален конкурс, според одлуката на директорот, бил доставен до него на 19 септември 2017 година и според Законот, директорот требало да одлучи во рок од три дена. Самиот факт дека оваа одлука е донесена на 5 јануари, годинава јасно упатува на направениот прекршок на легислативата – рече Алаѓозовски.
Во праксата биле утврдени и повеќе случаи каде што еден изведувач конкурирал и добивал средства во повеќе категории во рамки на ист конкурс или пак членови сопружници доделувале средства на членови од семејството како на комисијата.
– Со оваа настаната ситуација уште еднаш се покажа колку бил штетен Законот за поддршка на домашната музичка продукција, кој постојано создавал долгови по буџетот на граѓаните, бил спроведуван на несоодветен начин и со неправилности, а воопшто не ги постигна декларираните ефекти, ниту пак придонесе за зголемување на квалитетот, развој на музичката индустрија и поголема присутност на домашните артисти на нашите медиуми, туку се претвори во алатка за клиентелизам и за купување послушност на музичките уметници – изјави Алаѓазовски.