Девет месеци по апсењето Роберт ослободен од обвинението за убиство

Обвинителството на Нов Јужен Велс го ослободи Роберт Николовски (38) од обвинението дека ја нарачал егзекуцијата на Дарко Јанчески (32) за да го одмазди убиството на својот брат Горан (36), јавуваат австралиските медиуми. Според полицијата, Горан Николовски најверојатно е убиен, но неговото тело сè уште не е пронајдено. Роберт Николовски беше уапсен во јануари годинава од кога беше во притвор бидејќи судот, наспроти неговите тврдења дека не е виновен, го одби барањето да биде ослободен со кауција.

 

За убиството на Јанчески, кој беше убиен во април лани, во градот Лејк Хајтс во Илавара, е осомничен Метју Пол Вилингс (24), кој се товари дека го застрелал, но и тешко го повредил таткото на Јанчевски откако пукал. Тој останува во притвор, а судот ги ослободи и другите осомничени, Kристофер Маден и Дерек Фергусон, кои беа осомничени дека му помогнале на убиецот.

По излегување од зградата на судот, Николовски рекол дека многу му олеснило бидејќи целата работа останала зад него.

– Иако знаев дека сум невин и оти моето име еден ден ќе биде исчистено од оваа валканица, стресот што го доживеав поради обвинувањата и апсењето, по кое поминав долго време во затвор, оставија длабока трага врз мене и врз моето семејство. По пеколот што траеше со месеци, заклучен во затвор за нешто што не сум го направил, немам зборови како да го изразам моето олеснување што конечно сум ослободен од овие обвинувања – изјавил нашинецот.

Иако од полицијата сметаа дека имаат доволно докази за да го поврзат триото со убиството на Јачевски, полицијата овие девет месеци не успеа да најде доволно докази за да го поткрепи обвинението.

Според обвинението, Вилингс со мотор дошол пред куќата на родителите на Јанчевски и пукал во него, а потоа го удрил и таткото на убиениот, кој се обидел да го нападне со шипка. Јанчевски три месеци претходно преживеал напад со сачмарка кога бил ранет во ногата, исто така пред куќата на своите родители каде што живеел откако неговиот дом бил запален во ноември 2011 година.

По апсењето на Роберт Николовски, од полицијата рекоа дека тој бил убеден оти брат му Горан бил убиен од Јанчески, кој неколку дена откако исчезнал постариот од браќата, намерно го запалил својот дом за да ги уништи трагите што би го поврзале со убиството. Имено, неколку дена откако било пријавено исчезнувањето, полицијата го пронашла автомобилот „хонда” на Николовски запален и фрлен надвор од патот во шума во близина на Волонгонг.

Закани по телефон

Инспекторите што го истражуваат исчезнувањето на Николовски, во јануари лани разговарале со Јанчевски, кој потврдил дека се познавал со Николовски, но и со Сашо Ристевски (37), кој беше убиен во септември 2011 година во својот дом во Лејк Хајтс. Убијците сè уште не се пронајдени. Пет недели подоцна исчезна Николовски.

Според полицијата, Николовски наместо да соработува со нив во истрагата за исчезнувањето на Горан, сам почнал да истражува. Полицијата снимила телефонски разговори, во кои тој на пријателите им кажувал дека сака да го убие Јанчески. „Ќе го убијам со своиве раце… не можам веќе да се справам со ова”, се дел од тајно сниманите разговорите презентирани пред судот.

Сепак, овие снимки не биле доволни Николовски да биде обвинет за убиството на сонародникот.

Адвокатот на Николовски, Арон Kернаган, рече дека повлекувањето на обвинението против неговиот клиент го покажал интегритетот на правниот систем на Нов Јужен Велс.

– Случајот против мојот клиент беше со суштински недостатоци. Севкупните докази собрани од полицијата беа истражени, по што стана јасно дека истите се несоодветни за да се подигне обвинение. И обвинителството покажа голем степен на независност и на професионализам така што при разгледување на случајот утврди дека без оглед на сериозноста на обвинението, не постојат доволно докази за истото да се поткрепи – рече Kернаган.

Николоски истакна дека неговото внимание сега ќе се сврти кон поддршка на своите родители и оти семејството се надева за безбедно враќање на неговиот брат Горан.

– Сега можам да бидам дома и да бидам таму за моите мајка и татко на кои двајцата синови им беа одземени минатата година – рече Николовски. (И.Ш.)

НИКОЛОВСКИ ВО КАВГА СО ОЗЛОГЛАСЕНИТЕ „KОМАНЧЕРОСИ”

Николовски во март лани куртули од затвор кога беше осуден на шестмесечна затворска казна за тепачка и за ранување со нож на еден од водачите на озлогласената моторџиска банда „Kоманчероси”. Судот го ослободил Николовски поради тоа што неразјаснетото исчезнување на неговиот брат го нарушило неговото ментално здравје. Јанчевски, пак, порано бил член на „Kоманчеросите”, но неколку месеци пред да биде убиен, ја напуштил бандата.

Сè уште е мистерија убиството на Сашо Ристевски (37) во септември 2011 година во неговиот дом во Лејк Хајтс. Тамошната полиција верува дека сите случаи се поврзани бидејќи Ристевски, Јанчевски и Горан Николовски биле вклучени во трговија со дрога и во организиран криминал во Илавара. Тргувале со хероин и со метамфетамини, а Николовски и Ристевски заедно лежеле во затвор за трговија со кокаин.

Останати вести