Во престижниот музеј „EYE” во Амстердам на 3 јуни, за време на церемонијата на отворањето на големата ретроспектива на кинематограферот и уметник Роби Милер, му беше врачена наградата за животно дело „Златна камера 300″.
Наградата ја лично ја врачи директорот на на ИФФК „Браќа Манаки”, Благоја Куновски – Доре.
Куновски, кој беше видно возбуден од целата атмосфера, но и од присуството на Роби Милер, го претстави фестивалот “Браќа Манаки” и неговата поврзаност во последните 20 години со филмовите на Милер.
Тој говореше за престојот на Роби Милер во Битола и дека оваа награда ја смета за „Оскарот” што го заслужува Роби Милер.
Овој настан беше проследен од многубројна публика која ја надминуваше цифрата од илјада посетители.
Холандија го славеше својот мајстор на светлината со импресивна инсталација која вклучуваше повеќе од 30 ТВ и ЛЦД-монитори со материјали од приватни видеоархиви на Роби Милер, негови белешки, фотографии направени за време на снимањата, писма кои си ги разменувал со режисерите со кои соработувал, но и интервјуа со Вим Вендерс, Џим Џармуш, Ларс фон Триер, Стив Мек Квин.