Родниот јазик е наше богатство

Во прекрасниот амбиент во Emporium Reception во Bankstown, во присуство на многу гости, родители и наставници се прослави традиционалната матурска вечер.

Вечерта им беа врачени дипломите на 22 матуранти за успешно завршено изучување на македонскиот јазик во средното училиште.
Покрај студентите и родителите присуствуваа и: Алберт Вела – пртеседател на Фдерацијата за училишта по јазици на НЈВ, претседателката на Учителската асоцијација од Викторија, Љубица Талеска и координаторката за јазици при Средношколскиот училишен центар за јазици Когра, Анѓела Лирис, како и претседателката на МПУО за НЈВ- Г-та Жаклина Михајлова.
Големо изненадување предизвика доделувањето на наградата на Македонскиот Просветно Училишен Одбор за НЈВ, – авионска карта за Македонија, овојпат за најсреќниот ученик кој најмалку 5 години го изучува македонскиот јазик во средното образование. Среќата ѝ се насмевна на Катерина Марковска, која ќе патува за Македонија бесплатно. Врачувајќи ја наградата, Жаклина Михајлова на учениците им посака успех на претстојните испити. Таа истакна дека: ” Културата на еден народ се одржува преку јазикот и тој е единственото нешто преку кое можеме да ги пренесеме и задржиме нашата историја, култура и нашиот идентитет овде во Австралија. Вие носите две култури и тоа е големо богатство, вие имате големи вредности и притоа им помагате на луѓето околу вас овде во Австралија да дознаат која е Македонија. Меѓу нашиве годинашни матуранти има идни доктори, професори, пилоти, инженери… Некои од нив се веќе успешни во полето на својот интерес: Адријан Рајт е иден адвокат за човекови права – тој како гостин на Обинетите Нации веќе ја посети Европа, престојуваше во повеќе градови и дебатираше за човековите права, Катерина Марковска ја доби престижната награда на Универзитетот во Волонгонг, за жена-иженер, Лео Станоевски беше прв во 2014 година како студент по информатика и е финалист во НЈВ, Александра Котевска е првак во древната вештина во мечување, Михаил Михајлов неколкупати бил првак во Австралија во скијање – слободен стил, во неговата категорија, а бил и член на Австралиската скијачка репрезентација….Убедена сум дека и во сите други матуранти лежат скриени таленти што допрва ќе испливаат на површина.

Во забавниот дел настапија самите матуранти: Матурантите од Волонгонг свиреа и пееја македонски песни, а матурантите од Когра подготвија видео презентација за значењето на македонскиот јазик. Тие ја ја воодушевија публиката.

Матурантите со гордост ги истакнаа дипломите, искажаа искрена благодарност кон своите учители и изјавија дека ова е почеток на нивните нови походи кон повисоки образовни институции ширум Австралија.

Петар Јованов – Пецката ја разубави вечерта со прекрасна македонска музика

Матуранти 2014
Од Центарот Bankstown: Александра Котевска, Сабрина Секуловска, Марија Јовчевска, Натали Дунимагловска, Мајкл Гроздановски
Од Центарот Kogarah:Кристина Ламановска, Аманда Петровска, Катерина Марковска, Ива Менчевска, Михаил Михајлов, Изабела Стојчевска, Ники Робева, Карина Филевска, Давор Конески, Јасмина Коруноска, Кристина Марковска, Ребека Николоска
Од Центарот Smith Hill: Моника Ѓорѓиева, Виолета Лабоска, Виктор Симоновски, Лео Станоевски, Адријан Рајт.

Катерина Марковска- добитницка на картата за МК

Останати вести