Рокдаел Илинден – Мелбурн Виктори 2:3

Куп на ФФА, осминафинале:
БРАВО KОМИТИ
Мелбурн Виктори успеа да избегне големо изненадување од галантните фудбалери на Рокдаел Илинден, победувајќи тесно со 2–3, во историскиот меч во осминафиналето на купот за Фудбалската Федерација на Австралија.

Натпревар исполнет со возбудување, а фудбалерите на Рокдаел Илинден можат главата гордо високо да ја исправат. Вечерта не само што не беа подредени во играта со актуелниот шампион Мелбурн Виктори, туку во последните десет минути од натпреварот буквално го ставија во позиција да го спасува голот. Комитите на оваа средба за својата игра добија пофалби не само од коментаторите, туку со пиетет зборуваше и тренерот на Виктори Кевин Маскат, и ветеранот Арчи Томсон кои имаа пофални зборови за пожртвуваноста на Рокдаел Илинден.
Публиката која броеше околу 4, 000 гледачи своите симпатии кристално ги имаше за фудбалерите во црвено црно, и беше 12 играч кој бучно ги бодреше во завршницата.
Новитет на оваа средба беше и младата главна судијка Кети Патерсон, која извонредно ја делеше правдата.
После многу возбудувања пред двата гола, во завршницата Даниел Георгиевски во 44 минута намести убава топка до Џеси Макарунас, кој лесно ја затресе мрежата на Рокдаел за водство на Виктори од 0–1.
Само после пет минути игра во вториот дел, во 50 минута, Бесарет Бериша со глава нафрлената топка ја смести во голот на Иван Нечевски за 0–2.
Рокдаел Илинден се врати во игра во 53 м. после пеналот, што беше досуден по игра со рака на Томас Денг. Сигурен егзекутор на најстрогата казна беше Марко Јесиќ за 1–2. Тоа ја разбуди публиката која го развиори големото знаме и гласно ги бодреше Комитите. Како ладен туш беше 65 минута, кога Макарунас ненадејно надвор од шеснаесетникот ја заврти топката во мрежата на Нечевски за 1–3. Екипата предводена од играчот и тренер Пол Рид не се предаде, и силно напаѓаше а во 86 минута, после една мешаница пред голот Леи Брохам постигна автогол обидувајќи се да ја исчисти нафрлената топка во пеналтикот за 2–3. Потоа следеа минути во кои панично се бранеше голот на Мелбурн Виктори, додека Комитите храбро напаѓаа во обид да го изедначат резултатот.
Рокдаел Илинден настапи во следниот состав: Иван Нечевски, Такуја Мурајама (Алек Урошевски), Николас Петрило, Стивен Хескет, Патрик Савор, Марко Јесиќ, Пол еид (Даскал Давид), Ел Хафиане, Тоуфик Аламедине, Дилан Мекалистер и Христијан Таноски (Муцухиро Ивамато).
Во четвртфиналето за купот на ФФА ќе играат:
Мелбурн Виктори – Аделаид Јунајтед
Перт Глори – Вестерн Сиднеј Вондерерс
Хјум Сити– Окли Канонс
Хајделберг Јунајтед – Мелбурн Сити

Останати вести