Македонската заедница во Сиднеј минатиот четврток одржа состанок во Спортскиот центар “Илинден” за да го изрази незадоволството поради спојувањето на општините Рокдаел со Ботани.
Носители на оваа иницијатива се ФК “Рокдаел Илинден”, МПЦ “Св. Петка” Рокдаел, Македонското училишно здружение на НЈВ, Македонските училишта “Филип II” Пикхрст, “Св. Климент Охридски” Рокдаел, МКУД “Илинден”, Австралиско-македонското медицинско здружение, парохијаните од “Христово Воскресение” Рокдаел и друштвото “Мариово”.
Организациите од македонската заедница сметаат дека со предвидената амалгамација ќе се расцепка нашата заедница и ќе биде намалена во новите граници, исто така смета дека е неприродно спојувањето на двете општини кои немаат ништо заедничко. Стравот е дека ќе има последици врз поволностите и сервисите што сега ги користи нашата заедница.
На оваа средба беше присутен и Бил Саравиновски, градоначалникот со македонско потекло на општина Рокдаел. Тој им објасни на присутните дека општината не може да покренува судски спор кој е прескап и нема изглед на успех. Општината Рокдаел беше една од деветте општини кои засега не беа споени. Тоа се должеше поради судскиот спор што го имаше соседната општина Ботани со владата на НЈВ. Како што дознаваме, судскиот спор е завршен и општината Ботани загуби и треба да плати преку еден милион долари за судските трошоци. Моментно случајот е на Апелационен суд, но се очекува дека и таму ќе биде неуспешна иницијативата на Ботани.
Експертите велат дека не е во прашање економската одржливост на овие две општини туку, за жал, во игра донекаде може да е политиката и фактот што општините Рокдаел и Ботани се со претежно лабуристички гласачи. Од друга страна општина Когра, што ќе се спои со Хрствил во новоименуваниот Georges River Council, ќе има повеќе изглед за либерален општински совет.
Наредните општински избори ќе се одржат во 2017 година, а дотогаш со новите општини ќе раководи администатор кој ќе има советници од редовите на сегашните општински претставници. Се очекува логично и нашиот Бил Саравиновски да биде еден од тие советници што ќе работат со новата администрација.