Кај специјалната обвинителка има снимени разговори како е договарана пресудата за “Ровер“!?

Постојат 18 транскрипти со повеќе од 1 час телефонски разговори, во кој се вклучени лица учесници во овој процес со што се доведува во прашање легитимитетот на постапката, изјави адвокатот на обвинетиот Бошкоски, Константин Кратовалиев. 

Откако Апелација двапати ја поништува и ја враќа пресудата на повторно одлучување кај првостепениот суд, во тензична атмосфера, со расправии и викотници, во четвртокот по трет пат во Основниот суд Скопје 1 започна судењето за „Ровер”, во кој еден од обвинетите е поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.
На почетокот на судењето Бошкоски побара збор и му посочи на судијата Илија Трпков дека располага со основано сомнение оти не само предметот „Кампања”, за кој беше осуден, туку и случајот „Ровер” бил политички договаран и монтиран.
– За овој предмет е договарана висината на казната, заштитениот сведок, а имам сомневање дека судијата Трпков директно е инволвиран. Затоа не можам да дозволам мојот прогонител и извршителна полицијата да ме суди. Затоа морам да заминам од судницата – рече тој и си излезе од судницата!
По него стана и обвинетиот Зоран Трајковски, кој, исто така, излезе од судница, порачувајќи му на судијата дека не може да го гледа овој циркус, па дури и му предложи на судијата повторно да му одреди притвор. Тој порача дека до крајот на судењето нема да си замине, но времето наместо во судница, ќе го помине во судскиот ходник.
Во име на Бошкоски се обрати неговиот адвокат Константин Кратовалиев, кој истакна дека Бошкоски му соопштил оти има веродостојни информации дека истите извори, кои до специјалната обвинителка Катица Јанева ги доставија прислушуваните материјали од „бомбите”, доставиле и прислушувани материјали за монтирање на „Ровер”.
– Постојат 18 транскрипти со повеќе од 1 час телефонски разговори, во кој се вклучени лица учесници во овој процес со што се доведува во прашање легитимитетот на постапката. Наводно, како што ми беше кажано, во разговорот се зборува за подготвување, водење и донесување на одлука за случајот – рече тој и побара овој суд да ја прекине постапката се додека обвинителката не ги разгледа метеријалите и не завземе став за тоа дали ќе бидат превземени процесни дејствија.
Кратовалиев заклучи дека во спротивно би можело да се дојде до апсурна ситуација, односно наместо еден процес, во исто време да се водат два паралелно (во Судот и кај специјалната обвинителка). Тој додаде и дека овој предмет ќе биде еден од првите со кој ќе се зафати специјалната обвинителка.
Судијата Трпков, кој по трет пат е претседател на судечкиот совет за „Ровер” (веќе два пати паѓаше на Апелација поради низа правни пропусти), истакна дека суделе врз основа на закон и така ќе продолжеле се додека не добијат известување од специјалната обвинителка дали го преземе овој случај во обновена истрага. Тој им порача на обвинетите и на нивните бранители дека можат, во меѓувреме, да побараат негово изземање.
Адвокатот на Бошкоски, Драган Гоџо, пак, реагираше за начинот на кој судијата го водел процесот, забележувајќи му дека не водел записник. Му порача дека кога во судницата ќе влезат снимателите од медиумите, наместо како што е праксата, да ги снимаат нив и обвинетите, камерата да ја вперат во него, бидејќи како што рече тој бил режисерот во случајот.
Неговиот колега Дончо Наков додаде дека овој процес не може да се води без присуство на првообвинетите четворица, инаку странски државјани.
– За да некој биде обвинет, треба прво да се легитимира. Во обвинението тоа не е направено, дури не е утврдено и точно од која држава се, а им судиме веќе со две пресуди. Зошто, пак, Апелација досега не реагираше на оваа околност не ми е јасно, но за тоа си има повисок суд пред кој ќе одговараат – истакна Наков.
Адвокатот Димитар Савовски од судијата Трпков бараше со име и презиме да ја наведе во записник обвинителката Лидија Раичевиќ-Вучкова, која не се појави на ова рочиште. Судијата истакна дека нема информација зошто обвинителката не е присутна, на што реагираа адвокатите и бараа да се дознае точната причина.
Поради неприсуството на обвинителката, судијата одлучи да го одложи судењето за 2 декември.

(“Фокус”)

Бошковски би можел да излезе од затвор околу Нова година

– Јас не реков дека според снимките дел од Судот е вклучен во договарањето на пресудата, ниту имам сознанија за тоа. Не ја знам содржината на транскриптите, ниту можам да ги интерпретирам. Очекуваме дека до наредното рочиште Судот ќе одговори на нашето барање за запирање на оваа постапка – рече во изјава за новинарите по излегувањето од Судот адвокатот Константин Кратовалиев.
Кратовалиев додава дека одбраната нема да побара изземање.
-Овој судски совет е добро запознаен со предметот, го води три години, мислам дека и понатаму може да продолжи да си ја врши својата работа – рече тој.
На прашање дали Бошкоски ќе излезе од затвор во мај наредната година, адвокатот рече дека казната пресудена во случајот „Кампања” му истекува на 6 мај 2016, но дека прашање на Управата за санкции е дали ќе му бидат овозможени бенифиции кои му следуваат по законот поради добро однесување. Вообичаено е да се дава скратување од еден месец за секоја година примерно поведение во затвор.

Останати вести