Да кажеме уште на почетокот: поради тоа што во филмот се прикажани дел од ѕверствата на УЧК од 2001, целата македонска Влада се крена на нозе за да го “поплука” и да се огради од најновиот филм “Ругање на Христа” на режисерот Јани Бојаџи.
Прв во јавноста излезе министерот за култура Асаф Адеми (заедно со Агенцијата за филм на РМ) а потоа истиот став го повтори и премиерот Зоран Заев: “филмот манипулира и тенденциозно игра со историските настани и така му наштетува на соживотот и животот на граѓаните – од чии пари се финансирал истиот”! Министерот Адеми објави дека во иднина ќе има нов закон за финансирање на проекти од културата според кој ќе се наведат точно кои теми ќе може да бидат обработувани во тие дела (цензура!?). Премиерот, пак, додаде дека ќе нареди филмот “Ругање на Христа” да нема промоција во земјата (со други зборови да биде забранет за прикажување).
Иронијата да биде поголема, ниту министерот ниту пак премиерот не го гледале филмот!?!?!
Филмот на Бојаџи беше поддржан од Агенцијата за филм на конкурсот во 2015 со над 290.000 евра, под работен наслов „Здивот на Ангелот” во продукција на неговата куќа „Орион продакшн”. Бојаџи е продуцент, режисер, сценарист, монтажер и продукциски дизајнер на овој филм. Филмот е македонско-грчко-француска копродукција, а светската премиера беше на 30 август на Филмскиот фестивал во Монтреал во некомпетитивна програма.
Според информациите на официјалната страница на Бојаџи, приказната во филмот е за Александар Филипопулос (го игра Љупчо Тодоровски- Упа), новинар во познат политички магазин во Париз, Франција, со потекло од Грција, во деновите кога неговиот личен и професионален живот е на раскрсница, добива писмо од Вани (Младен Крстевски) инаку негов братучед од Грција дека татко му Лазар (Мето Јовановски) умрел во Македонија. Тогаш сѐ тргнува наопаку.
„Александар, во Франција драматично ја напушта неговата сопруга Магда (Јана Клејн, Франција) и од Париз се враќа во Атина а од таму во неговото родно место, селото Герман (Агиос Германос) на северот од Грција покрај Преспанското Езеро. Оттаму тој тргнува во потрага по вистината за тоа кој всушност бил неговиот татко Лазар Филиповски. Потрагата ќе го однесе во Скопје и назад кон Грција. На тоа животно патување случајно со него ќе замине младата и егозтична Андреа Пападина (Јоана Пилиху, Грција), која бегајќи од дотогашниот напорен и комлициран живот на уметнички фотограф во големата Атина, на северот, во Македонија, ќе ги направи фотографиите на нејзиниот живот, низ нив раскажувајќи ни за мистеријата на заплетканите човечки, културни и политички односи помеѓу Македонија и Грција и Македонците и Грците”, вели Бојаџи во неодамнешно интервју за „Радио Слободна Европа”.
Таму кажа дека „Ругање со Христос” има крајно едноставна, но и прилично комплицирана структура. Четири приказни се раскажуваат одделно, секоја за себе, но сите взаемно се вкрстуваат во една приказна.
Во интервјуто Бојаџи вели дека 2001 година е клучна и пресвртна година за Македонија и оттаму нејзиното место во филмот. Истакнува дека во него има една цела драматуршка линија во која Лазар Филиповски на пат од Скопје кон Тетово ќе биде грабнат од терористите на УЧК (заедно со работниците на ГП “Маврово”).
„Тоа се три вистински настани кои ние ги обработуваме за да покажеме дека некогаш инструментите и средствата се толкуваат како средства за слобода, а некогаш се толкуваат како средства за терор. Идејата на филмот е да кажеме дека ниту еден терор не направил ништо добро, туку дека секој терор раѓа и создава нов терор. Затоа и поднасловот на филмот е: Секој против секого – Господ против сите! Се обидуваме да кажеме дека кога ќе тргнеме против секого којзнае каде ќе завршиме”, вели Бојаџи во наведеното интервју.
Прикажаните ѕверства на УЧК навистина се случија
Во филмот се прикажани следниве настани од 2001:
1. Убиството на младиот Ванчо Каранфилов во Тетово, кој беше застрелан додека играше кошарка.
2. Битката кај Радуша
3. Киднапирањето на петтемина работници на ГП „Маврово” на автопатот кај тетовското село Желино на 8 август 2001, во моментот кога ја обележувале сообраќајницата. Киднапирањето го извршиле 30-ина луѓе, членови на УЧК. Недолжните цивили биле однесени во непознат правец и цел ден ѕверски измачувани, тепани и сечени по телото, а потоа пуштени. По тортурата врз нив, кога едвај се довлечкале до Тетовска болница, Фикрет Нухиу, лекарот од Итна помош, им рекол дека не им е ништо, покажувајќи им ја вратата. Раскрвавените луѓе ги згрижиле медицинските сестри и друг лекар. Случајот Мавровски работници, беше еден од четирите случаи кои Меѓународниот суд за воените злосторства во Хаг ги врати во Македонија, за да се процесуираат и судски завршат во земјата. За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Собранието на Република Македонија на 24 јули 2011, со 62 гласа „за” го усвои автентичното толкување на Законот за амнестија, со што ги затвори хашките случаи Мавровски работници, Липковска брана, Непроштено и Водство на УЧК.
Поранешни “учки” му се закануваат
Филмот „Ругање со Христа” минатата седмица ја освои наградата за иновација на филмскиот фестивал во Монтреал. Додека режисерот Јани Бојаџи во Монтреал добивал престижна награда од фимското жири, во земјата неговото семејство добива закани од страна на некогашните припадници на УЧК.
Информирајќи ја јавноста за заканите, Бојаџи вели дека соопштението на Министерството за култура кое претходно објави дека “филмот е обид сите Албанци да се прогласат за терористи”, е вовед во фашизам и цензура.
“Јас не им се плашам. Јас сум партизанско дете. Лошо е тоа што заканите ги трпат и моите деца, изјави Бојаџи. Ова што го промовира Владата е уберфашизам! Не ви се плашам воопшто! Прашајте сѐ што ве интересира, ќе ви одговорам. На крајот, цивилизирано е да купите билет, да отидете во кино и да не се согласувате со ништо со тоа што ќе го видите на платното. И, се разбира, доколку мислите така, јавно да дебатирате за сѐ, без да ми се заканувате со разни УЧК-искуства и принципи!
Среќна слобода! Ви посакувам да владеете толку долго колку што ќе биде доволно еден цел живот да се срамите од ова!” – напиша режисерот Јани Бојаџи.