Минатиот петок, на 25 јануари, до последно место исполнетиот Civic Theatre во Хрствил, предградие на Сиднеј, се изведе премиерата на филмот „Ругање со Христос” од Јани Бојаџи.
Следниот ден следеше втората проекција во истиот театар. Исто така во државата Нов Јужен Велс вакви проекции следеа во градовите Волонгонг и Њукастел. Филмот беше прикажан и во Канбера.
На сите проекции присуствуваше режисерот и сценарист Јани Бојаџи со членови од Советот на Македонците од Австралија од Мелбурн. Организатор на проекциите во Сиднеј беше Македонскиот советот од НЈВ.
„Ругање со Христос” е едно извонредно уметничко дело кое иако забрането од сегашната дискриминаторска за Македонците влада на Република Македонија ќе остави длабоки траги во македонската и светската киномотографија. Не случајно минатата година на филмскиот фестивал во Монтреал освои прва награда за иновација. Тешко е да не се споредуваат вакви уметнички дела кои длабоко џбараат во душата за постоењето на човекот во кој се вплеткани јазли на минатото, сегашноста и иднината (отсликани на повеќе слоеви или на повеќе-аголското огледало). Над сето тоа диригира дневната политика, надворешните влијанија и интереси и идеологијата која уште повеќе ја фрагментира душата.
Јазолот македонски толку многу е исплеткан што тешко може да се одврзе и разбере, а толку многу јазолчина се прилепиле до истиот што животот станува уште поисплеткан како да нема крај, но Јани преку камерата и нарацијата така успешно ни го открива крајот што носи почеток, но многу поинаков поради последите на минатото. Секој од гледачите со себе понесе различно мислење за ова ремек дело како и за крајот на приказната, во зависност од нивните поранешни искуства, а дали животната приказна има крај? Крајот може да биде почеток на нешто ново…
Темата во однос на Егејски дел на Македонија често се обработувала во сите сфери на креативноста но малку помалку некој се осврнувал на последиците од така наречената Граѓанска војна за македонското домородно население кое не пребегало, на децата и родителите кои не беа убиени или кои не биле избркани. Тие беа принудени да си го сменат не само името туку јазикот и културата – да се плашат од својата сенка дека се Македонци. Атињаните применија секакви методи, генот на Македонците да се измени и сегашните генерации да патат од последиците на своите родители како што и нивните деца во иднина ќе патат од последиците на нивните сегашни одлуки.
Не е ни чудно што филмот е забранет во Македонија. Слободата на говорот и креативноста се загушуваат. Се загушува македонското во корист на бугарското, грчкото, српското, албанското… со цел да им се пикнат во смрдените гаќи на Европа…
Се сака да се прикријат злосторствата на Албанците и нивниот тероризам, да се прикаже дека истиот имал „ослободителен карактер”. Друг диригира во Македонија, а Македонците постанаа шупелка и свират само на задната дупка на свиралото.
Честитки до Јани Бојаџи и целиот негов тим кој беше составен од артисти од повеќе националности, а истиот беше сниман во Македонија, Франција и Грција. Тој не врати на минатото, сегашноста и ни покажа каква можна, во зависност од нас, иднина можеме да имаме.
Филмот, препорачувам да се види од секој Македонец, без разлика на генерациите, а и од другите националности како и од Албанците и Грците за да видат дека агресивноста може да донесе само агресивност.
Честитки и до Советот на Македонците од Австралија што овозможија да се прикаже филмот во повеќе градови во Австралија и Нов Зеланд, до Македонскиот совет на НЈВ и повеќе организации и индивидуалци кои се приклучија кон оваа благородна акција.
Душан Ристевски




