Специјалните служби на Русија и на Kазахстан спречиле терористички напади на руска територија, слични на 13-ноемвриските во француската престолнина Париз кога џихадистите на екстремната сунитска групација Исламска држава убија 130 луѓе, изјави во четвртокот во Минск директорот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), Александр Бортников.
Тој прецизирал дека во февруари припадниците на руското ФСБ и на Kомитетот за национална безбедност на Kазахстан ги пресекле активностите на терористичка група која планирала во големите градови во Русија да изврши терористички напади според т.н. париско сценарио, пренесува агенцијата РИА.
Според Бортников, по извршувањето на нападите, терористите имале намера да заминат во Сирија каде што би се бореле во редовите на Исламската држава.
Директорот на ФСБ истакнал и дека, заедно со белоруското KГБ, успеале да лоцираат и да приведат во Белорусија руски државјанин по кого била распишана меѓународна потерница за тероризам, а кој учествувал во борбите во Сирија и имал намера да се прикрие во една европска земја, но Бортников не посочил за која држава станува збор. Паралелно со антитерористичките активности, ФСБ и казахстанските служби во март годинава прекинале нелегален канал за миграција од Авганистан до Финска преку Kазахстан и Русија.
Париските атентати од ланскиот 13 ноември беа координирани напади од страна на неколку групи џихадисти на неколку локации во француската престолнина. Серијата почна со самоубиствени бомбашки напади, потоа со автоматско оружје беа косени гостите на терасите во кафулиња и ресторани во североисточниот дел од Париз.