Русите го продаваат својот имот во Црна Гора

Во Црна Гора продолжува интензивната градба на нови станови наменети на чудниот пазар, кој во последно време го губи здивот, пишуваат балкански медиуми. За становите во новите модерни згради, кои ги има најмногу на будванската ривиера, интересот е многу слаб. Новоизградените повеќекатници се со многу станови, бидејќи слободни плацови има сè помалку. Чекаат купувачи, кои ова лето ги има во сè помал број.

Големата понуда, а слабата куповна моќ го условиле и нискиот пад на цените. Во Будва еден квадратен метар чини до 1.900 евра за станови малку подалеку од плажата, а доколку се плаќа во готово, цената може да биде и пониска. Во понудата има и голем број вили во околината на Будва, особено околу плажите на Јаз и Бечиќи. Раскошните куќи со базени, чија површина е од 250 до 300 квадрати, се нудат меѓу 200.000 и 350.000 евра. До неодамна најголем интерес имаше од Русите, но сега веќе не е така. Вилите и становите на руските државјани кои ги купиле во 2007 и 2008 година сега се продаваат по двојно пониски цени. Агенциите за недвижности истакнуваат дека економската криза е една од најголемите причини за слабата продажба. Но, причината се и нереалните цени, кои важеа до пред две-три години.
Во времето на екот на руските инвеститори, квадратен метар на стан чинел од 3.000 до 8.000 евра. Продажбата одеше многу добро, па гледајќи можност за голема заработувачка, многу интензивно и прекумерно се градеше. Таа состојба во Будва и во нејзината околина траеше кратко. Слично се случуваше и на јужниот и на северниот брег на Црна Гора. Се зборува дека наглото повлекување на Русите од станбениот пазар има политичка причина, пред се’ со воведувањето на санкциите кон Русија и на влезот на Црна Гора во НАТО.
Одделни сопственици и понатаму тврдоглаво ги држат високо цените на становите кои нема кој да ги плати. Веруваат дека подобри времиња, сепак, ќе дојдат. Од друга страна, познавачите на економските прилики предупредуваат дека кризата ќе биде подлабока, бидејќи се знае дека поединци не сакаат да вложуваат во недвижнини поради најавите за зголемувања на даноците.

(Ек.Р.)

Останати вести