Соборениот руски авион не добил предупредување, тврди преживеаниот пилот

Соборениот руски бомбардер Су-24М крај турско-сириската граница не добил никакви предупредувања од турска страна за нарушување на воздушниот простор, изјави преживеаниот пилот Константин Мурахтин. 

Според него екипажот не добил предупредувања ниту по радио-врска ниту визуелно.
– Ако сакаа да не предупредат можеа да се покажат, да застанат на паралелен курс, рече Мурахтин.
Тој истакна дека проектилот бил испукан одзади и екипажот не бил во можност да изврши маневар.
Рускиот Су-24М беше соборен во вторникот со ракета воздух-воздух од Ф-16 на турските ВВС. Двата члена на екипажот се катапултираа, но едниот загина, а другиот беше спасен по 12-часовна операција, во која беше уништен хеликоптер Ми-8 и убиен еден руски специјалец.
Мурахтин изјави дека тој и колегата многу пати летале во тој реон и оти се враќале во базата безбедно.
Тој изјави дека го познава многу добро реонот и може да се ориентира во него и без да користи дополнителни електронски инструменти од авионот.

Авионот е уништен по 17 секунди

Дури и ако се утврди дека рускиот авион влегол во турскиот воздушен простор, се поставува прашањето зошто е соборен по само 17 секунди, пишува „Гардијан”.
Упадите во туѓи воздушни простори се случуваат постојано, меѓутоа со помалку политички тензии.
– Генерално очекувате пукање за предупредување, па потоа употреба на сила. Тоа што Турција испали ракета по само 17 секунди, како и изјавите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и на премиерот Ахмет Давутоглу дека тие издале наредба потврдува дека Турците чекале руски авион да пријде доволно близу до турскиот воздушен простор – пишува британскиот весник.
Од оваа перспектива, сосема е јасно зошто рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров инцидентот го нарече „планирана провокација”, пишува „Гардијан”.
Москва можеби не донела добра одлука за тоа да ги пушти авионите толку близу до турската граница, но акцијата за соборување, пишува весникот, ја преминува вообичаената пракса.
Во 2012 година Сирија соборила турски авион кој упаднал на нејзин простор, а тогашната реакција на Ердоган била дека „краткорочното кршење на граничната безбедност и упадот во воздушниот простор не можат да бидат изговор за напад”.
Но, ниту една страна не сака да дојде до ескалација.
– Веројатно е дека Ердоган е задоволен од сегашната ситуација, додека Русија стана свесна дека е изгубен дел од дипломатското тло кој можеше да доведе до договор со Западот за ситуацијата во Сирија и во Украина – наведува „Гардијан”.
И додека од една страна Путин е лут, а Ердоган тврдоглав, министрите за надворешни работи на двете земји се обидуваат сè да вратат на дипломатската патека.
„Гардијан” пишува дека НАТО е свесен дека Турција е сојузник, и додека Русија сега можеби има морален авторитет, доколку дојде до воен судир, НАТО ќе го поддржи сојузникот.
Инаку, руското ми­нистерство и турските вооружени сили ги прекинаа сите канали на воена комуникација.
Турскиот претседател изјави дека Турција поинаку би реагирала ако знаела дека воениот авион, кој беше соборен на сириската граница, бил руски.
– Да знаевме дека тоа беше руски авион, можеби поинаку би ги предупредиле, посочи Ердоган за телевизијата Франс 24.
Турската армија во вторникот собори руски воен авион Су-24 на границата со Сирија. Според тврдењата на турската армија авионот го нарушил воздушниот простор на Турција и оти пилотите повеќепати биле предупредени. Руското министерство за одбрана, пак, тврди дека авионот не бил во турскиот воздушен простор.
Тој истакнал дека рускиот претседател Владимир Путин не одговорил на неговиот повик по инцидентот, што сериозно ги нарушило односите меѓу двете држави.
Двајцата пилоти се катапултираа, но еден од нив беше убиен од екстремистите, додека другиот беше спасен од руските и сириските спе­цијални сили.

Русија: Не добивме докази дека авионот се наоѓал во турскиот воздушен простор

Турција не и доставила на Русија докази за нарушување на нејзиниот воздушен простор од страна на рускиот авион Су-24, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
Тој претходно изјави дека Кремљ со сигурност знае дека рускиот воен авион Су-24 се наоѓал над Сирија.
– Сепак, се уште не сме добиле од нашето Министерство за одбрана информации за причинита за падот на авионот. Знаеме само дека се наоѓал во воздушниот простор на Сирија, над територијата на Сирија, нагласи Песков. Нападот врз рускиот авион Су-24 е нож во грбот на Русија, забиен од страна на соучесниците на терористите, изјави рускиот претседател Владимир Путин. Тој предупреди и дека соборувањето на рускиот авион ќе има сериозни последици по руско-турските односи.

Останати вести