Руските воени авиони ликвидирале 850 џихадисти откако биле приморани да полетаат и да им помогнат на сириските војници чии што позиции биле жестоко нападнати од џихадистите на Исламската држава.
Сириската армија успеала да го одбие големиот напад на џихадистите во провинцијата Идлиб, а во тоа им помогнале од руското воено воздухопловство со брза и жестока реакција на бомбардерите распоредени во воените бази во Сирија.
Нападот ненадејно бил организиран од милитантни групи кои што порано биле дел од сирискиот огранок на терористичката организација Ал Каида – Ал Нусра Фронт. Џихадистите ги нападнале позициите на сириската армија кои што биле сместени на северот и североистокот од градот Хама.
Оваа област е дел од означената демилитаризирана зона, под која што е и Идлиб – област каде што и натаму оперираат бројни анти-владини вооружени групи кои што се борат против сириската армија.
Според руските извори, милитантите се обиделе да заробат единица на руската воена полиција која што има мандат да го надгледува прекинот на огнот во Идлиб и околината. Руската единица била принудена неколку часа да се бори против далеку побројниот непријател, но на крајот заедно со сириската армија успеала да го одбие нападот.
Откако реагирала руската авијација, заедно со сириската армија на терен, соопштено е дека биле убиени најмалку 850 џихадисти, а биле уништени и 11 тенкови и поголем број на теренски возила опремени со тешки митралези.
„И покрај договорот од Астана од 15-ти септември, терористите на Ал Нусра Фронтот и останатите бунтовнички групи, кои што не сакаа да биде одржен прекинот на огнот, тргнаа во напад на позициите на владините трупи на 19-ти септември на североистокот на Хама во конфликтната зона Идлиб”, стои во соопштението на руската војска.