Асанж ги појаснува „руските траги“ на серверите на американските демократи

Заштитата на серверите на Националниот комитет на Демократската партија (DNC) е толку слаба што наликува на швајцарско сирење за што сведочат честите хакирања, смета основачот на WikiLeaks, Австралиецот Џулијан Асанж во интервјуто за телевизијата RT, појаснувајќи од каде можеле да се појават ткн „руски траги” во неодамнешниот кибернетички напад по што следеа оставки на четворица влијателни партиски функционери.

„Серверите на DNC беа неколкупати пробиени во текот на минатата година. Нашите извори соопштија дека заштитата на овие сервери наликува на швајцарско сирење. Директорот на американската Национална разузнавачка агенција веќе со месеци наназад зборува дека комитетите (главните партиски тела –з.р.) како на Републиканската, така и на Демократската партија биле подложени на напади од страна на најразлични субјекти”, вели Џулијан Асанж, кој и самиот предмет на интерес на американското разузнавање поради објавувањето на стотиците илјади доверливи документи за војните во Ирак и Авганистан, како и за дипломатската преписка на Стејт департментот, што му донесе големи непријатности на Вашингтон.
Употребата на терминот „руски траги” во неодамнешниот скандал со кибернетичкиот напад на серверите на DNC се појави кога неименуван експерт на американското разузнавање за агенцијата Reuters изјави дека хакерите кои успеале да добијат пристап до доверливата преписка меѓу највисоките функционери на американската Демократска партија можеби намерно оставиле „руска трага”.
Стручњакот истакнал дека верзијата за вмешаноста на руските власти во хакирањето на серверите на американските демократи се појавила поради кириличните симболи во метаподатоците и известувањата за грешки, коишто ги користеле кибернетичките престапници.
„Или тие момци се многу неуредни, но тогаш не е јасно како успеале толку далеку да стасаат без да бидат откриени, или тие сакале да ни покажат дека се од Русија”, го цитира агенцијата експертот од американското разузнавање.
Австралиецот кој веќе четири години се крие во амбасадата на Еквадор во Лондон поради страв да не биде предаден во Шведска каде властите го бараат во врска со истрага за два случаи на наводно силување но стравува дека ќе им биде предаден на САД, појаснува дека „руските траги” може да се објаснат со тоа што нападот можел да биде изведен од компјутер чиј системски јазик бил рускиот.
„Ова укажува на тоа дека или некој Русин бил вмешан, или за тоа дека некој сакал да изгледа така дека се замешани Русите”, истакнува Асанж.
Кон крајот на јули, непосредно пред одржувањето на националната конвенција на Демократската партија во Филаделфија на којашто беше потврдена номинацијата на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон за претседателските избори на 8-ми ноември, страницата на WikiLeaks објави над 19.000 електронски писма меѓу членовите на DNC. Тие открија, дека ова тело не било непристрасно според одредбите, туку ја фаворизирало Клинтон во однос на нејзиниот главен конкурент за номинацијата сенаторот Берни Сандерс.
Претседателската кандидатка Хилари Клинтон, американскиот претседател Барак Обама и некои други демократски челници ја обвинија Русија дека стои зад нападот, со цел да му се помогне на републиканскиот противкандидат Доналд Трамп, што Москва решително го одбива.

Останати вести