САД први удрија, Кина веднаш возврати

ТРГОВСКАТА ВОЈНА ПОЧНА
Кина планира да воведе царини со сличен обем и интензитет во настојувањето да им возврати на САД, соопшти кинеското Министерство за трговија, само неколку минути по одлуката на САД да воведе 25-процентна тарифа на увоз на 50 милијарди УС-долари вредните кинески производи.

„Кина не сака трговска војна, но кинеската страна нема избор освен остро да се спротивстави на тоа, поради кратковидото однесување на САД кое ќе им наштети на двете страни”, е објавено на официјалниот сајт на кинеското Министерство.
Американскиот претседател Доналд Трамп уште на 22 мрт најави царини од 25 проценти на увозот на кинеска стока во вредност од 50 милијарди американски долари и вети дополнителни царини ако Пекинг примени контрамерки. Трамп ги иницираше трговските мерки против Кина со објаснување дека дефицитот на САД во трговијата со Кина е „надвор од контрола” и дека изнесува 504 милијарди долари, обвинувајќи го истовремено Пекинг за кражба на интелектуална сопственост.
Тарифите ќе се применуваат на вкупно 1.102 производи и ќе бидат поделени во два дела, потврдено е во Белата куќа. Првата рунда тарифи ќе се применува на увозот на 818 кинески производи во вредност од 34 милијарди долари, почнувајќи од 6 јули, а другата рунда на 284 производи во вредност од 16 милиони долари, пренесува „Guardian”.
Кинеското министерство за трговија, пак, соопшти дека поголемите царини на американското свинско месо, јаболката, челичните цевки и друга стока би ги надоместиле кинеските загуби кои ќе ги нанесе Трамповото кревање на царините на увоз на челик и алуминиум.
Пекинг го повика Вашингтон на преговори за да се договорат, не поставувајќи рокови.

Останати вести