САД се повлекоа од Советот за човекови права на ОН

САД се повлекуваат од Советот за човекови права на Обединетите нации, изјави американската амбасадорка во ОН Ники Хејли, истакнувајќи дека тоа е „организација што не е достојна за своето име”.

Објавувајќи го повлекувањето во својот говор во Стејт департментот, заедно со државниот секретар на САД Мајк Помпео, таа рече дека Вашингтон се одлучил на овој чекор бидејќи другите земји „немаа храброст” да се приклучат во американската борба да се реформира тоа, како што рече таа, „лицемерно тело што си се служи само себеси”.
„Правејќи го овој чекор, сакам да биде кристално јасно дека тоа не значи повлекување од нашиот ангажман во однос на човековите права”, додаде Хејли, објави Ројтерс. Американската амбасадорка потсети дека пред една година таа јасно стави до знаење дека САД ќе останат во Советот на ОН само „ако се спроведат суштински реформи”.
Според неа, јасно е дека овие повици за промени останале неодговорени, пренесе АП. Покрај тоа, Хејли остро го критикуваше членството во Советот на земјите како што се Кина, Куба, Венецуела и на ДР Конго, кои, вели таа, и самите се обвинети за кршење на човековите права.
Таа ги критикуваше и Русија, Кина, Куба и Египет, бидејќи, како што рече, ги попречуваат американските напори за реформа на Советот. Хејли, исто така, рече дека Советот за човекови права на ОН има „хронични предрасуди кон Израел”.
Сепак, таа забележа дека „САД би сакале повторно да се приклучат на Советот” ако телото ги спроведе реформите. Минатата година таа веќе се закани со повлекување, наведувајќи ги како причина долготрајните американски жалби дека Советот со 47 члена е пристрасен кон Израел. До објавувањето на повлекувањето на САД доаѓа само еден ден откако шефот на човекови права на ОН Зеид Раад Ал Хусеин ја осуди Трамповата администрација за делењето на децата-мигранти од нивните родители, на границата со САД, вели американската агенција.
Во меѓувреме, група од 12 хуманитарни и групи за заштита на човековите права му пишаа на Помпео предупредувајќи го дека повлекувањето на САД од Советот на ОН за човекови права „само ќе ја влоши слабоста на Советот”.

Шефот на ОН за човекови права е шокиран од одлуката на САД
Ал-Хусеин изрази ужаснатост од одлуката на САД да се повлечат од Советот на ОН за човекови права, тврдејќи дека Вашингтон треба да го засили својот ангажман со оглед на раширеноста на кршењето на човековите права во светот. Одлуката на САД, која ја соопшти американската амбасадорка во ОН Ники Хејли, е „разочарувачка, иако реално не ни изненади”, напиша тој на Твитер. Зеид додаде дека со оглед на сегашната состојба на човековите права во светот, САД треба да го зајакнат својот ангажман, а не да се повлечат.

Останати вести