Светските лидери реагираа на одлуката на Доналд Трамп Соединетите американски држави да се повлечат од парискиот договор.
Првите луѓе на Франција, Италија и Германија во заедничко соопштение го отфрлија барањето на Трамп за отпочнување на нови преговори и му порачаа дека парискиот договор е од суштинско значење за сите жители на планентата.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика Американските научници и инжинери кои се разочарани од одлуката на Трамп дека можат својата работа слободно да ја продолжат во Париз.
„Ја почитувам одлуката иако мислам дека е грешка како за САД така и за целата планета. Парискиот договор останува на сила и тој ќе биде имплементиран не само од Франција туку и од сите други нации. Без разлика кои сме и каде живееме сите ја делиме истата одговорност. Да ја направиме нашата планета повторно голема.” – изјави Mакрон.
Од Обединетите нации порачаа дека ваквата одлука претставува големо разочарување а од Европската унија изјавија дека ова е еден тажен ден за светот.
Со осуда се јави и поранешниот американски претседател Барак Обама кој му порача на Трамп дека народите кои ќе останат дел од договорот ќе бидат оние кое ќе ги користат придобивките во однос на работните места кои ќе ги создаде индустријата.
Реагираа и гувернерите на неколку американски сојузни држави а градоначалникот на Питсбург на твитер напиша дека неговиот град ќе ги почитува принциите на париската спогодба за доброто на американскиот народ и неговата иднина.
За Трамп пак ваквата одлука има за цел да ги заштити американските граѓани и индустријата. Во своето обраќање од белата куќа, Трамп напомена дека се грижи за климата но дека не може да поддржи договор кој е во спротивност на интересите на САД.
„Со цел да ја исполнам мојата должност да ги заштитам соединетите американски држави и нејзините жители, ќе се повлечеме од парискиот договор за климата. Почнувајќи од денеска, ние ќе ја прекинеме имплементацијата на спогодбата и драконскиот финансиски и економски товар кој и е наметнат на нашата земја.” – изјави Трамп.
А веднаш по објавувањето на одлуката, илјадници граѓани на САД се собраа пред белата куќа за да го изразат своето незадоволство.
САД се вториот загадувач во светот по Кина и произведуваат 15 отсто од емисијата на штетни гасови во светот. Согласно меѓународната спогодба, во која учествуваат 195 држави САД требаше до 2025 година да ја намалат емисијата на јаглероден диоксид како и да го зголеми финансирањето на фондот за помош на земјите во развој во нивната борба против климатските промени.