Промоции и Саем на книгата 2017

Минатава сабота во библиотеката во Мил Парк под мотото: Сакај ја книгата, негувај го јазикот, а во чест на Денот на Македонските просветители Св. Кирил и Методиј, Македонското Литературно Друштво Кочо Рацин го одржа традиционалниот Саем на книгата во чиј склоп се промовираа книгите: Круши Горници од Нове Младеновски, Патник по ѕвезденото македонско небо од Гордана Димовска (промотор Јанко Томов), Виножито во мојата прегратка од Љубица Поповска.

Водителка на програмата беше Соња Стојановска, а почесни гости беа: конзулката Бети Коруновска, оп­ш­тинската советничка на Витлси и повеќепати градоначалник, нашата Мери Лалиос, Наум Трајчески од литературното друштво Ванчо Николески од Квинбијан, Блага Петреска од Хуманитарната организација Надеж.
Извонредни презентери на книгите беа Мери Бонева, Христијана Марковска, Гордана Димовска.
И посебно треба да се истакне драматизацијата на Две солзи од Даниел Димовски, која беше бурно поздравена од присутните.
Програмата започна со убавите стихови од Рацин а во изведба на Крсте Наумоски – Мечкар, поет и член на литературното друштво, одбележувајќи го воедно и денот на Македонските просветители, Свети Кирил и Методиј, но и достојна почит кон ликот и делото на Кочо Рацин.
Целиот убав настан беше во знакот на книгата, на пишаниот македонски збор.
Претседателката на Литературното друштво Кочо Рацин, Гордана Димовска, ги поздрави присутните и го отвори овој прекрасеен саем на книгата.
Следеше промовирањето на најавените книги со романот Круши Горници од Нове Младеновски, збирката од раскази, поеми за возрасни и деца, легенди и научно историски записи – Патник по ѕвезденото македонско небо од Гордана Димовска, и збирката поезија за деца Виножито во мојата прегратка од Љубица Поповска.
Наум Трајчески од Литературното друштво Ванчо Николески од Квинбијан им се обрати на присутните и притоа донесе признание за МЛД “Кочо Рацин” од Мелбурн и подарок книги за да се зголеми библиотеката на друштвото.
Авторите и гостите се дружеа во неформарлна атмосфера покрај закуска и, се разбира, изложба на други книги.

Останати вести