ПЕНДАРОВСКИ: Сакаме решение, но ако Бугарија оди со остра реторика договор ќе нема

– Ветото на Бугарија не е ништо ново. Станува збор за едно вето, да речам, во континуитет. Се разбира никој од нас не очекуваше дека и до крај ќе опстои тоа како вето, изјави претседателот на Македонија Стево Пендаровски.

Во однос на решението за спорот оценува дека е можно само ако двете страни праќаат „меки пораки”
– Во секој спор, па дури и од најмал калибар, ако сакате да успеете и двете страни треба да пуштаат меки пораки. Ако одите со остра или офанзивна реторика како што за жал води бугарската страна со недели и месеци наназад – тогаш договор нема да има. Ние понудивме се што може да се понуди, а да не се чепка македонското – да не се чепка јазикот или идентитетот затоа што никогаш не сме го чепкале ниту во разговорите со Грција години пред Преспанскиот договор, рече Пендаровски.
Запрашан за тоа што ќе се случува по ветото, Пендаровски вели дека објективно ќе треба да се чека да завршат изборите во Бугарија закажани на 28 март.
– Најновите анкети во Бугарија покажуваат дека партијата на Борисов ГЕРБ има кренато 7 % во изминативе месец и половина. Можеме да претпоставиме дека најголемиот дел од тоа е заради ова јуначење, не знам како поинаку да го наречам во однос на нас, а партијата на Каракачанов која е дел од пошироката т.н. обединета коалиција има дупло качено рејтинг и сега се некаде помеѓу 7 и 10 % што значи ваквото однесување и тоа како им се исплати. Политичката логика е дека тие ќе се обидат тоа максимално да го експлоатираат за свој личен и партиски бенефит се до 28 март, оценува претседателот Пендаровски.
На прашањето што е алтернативата, тоа е вели, да пробаме со сопствени сили, со автономни капацитети да се развиеме.
– Јас ви тврдам ако нас нè поддржуваа во реформите Франција, Германија и сите други, скандинавски држави, ако не поддржуваат ние за 10-ина години можеме да прерипаме децении. Инаку, ако одиме сами, ние можеби ќе бидеме на тоа ниво но ќе ни требаат 100 години или 80 години, никој нема да дочека. Тоа е борбата за Европа. Во Европа не даваат кеш без работа без пот, не даваат воопшто пари. Ти даваат ум како државата да ја направиш организирана како Германија што е да речеме. Како се организира едно општество, една држава, институции во кои сите ние ќе имаме верба. Нашето ниво на верба во нашите институции е многу мало независно кој е на власт, вели претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за “Сител”.

Останати вести