Сакањето на македонскиот јазик е наш долг и право

„Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш, исто така како што е наша татковината”
Крсте Петков Мисирков 

На 27 ноември матурантите по македонски јазик од Викторија го славеа крајот на нивното изучување на македонскиот јазик во редовните и саботните училишта. Со тоа тие докажаа дека останаа доследни на аманетот што им го оставија нивните баби и дедовци дека ќе ги негуваат и пренесуваат најзначајните вредности на нивните корени и постоење.
Оваа година – покрај тоа што беше исполнета со многу предизвици, особено за учениците и нивните наставници – тие ја докажаа огромната љубов кон македонскиот јазик и култура со успешно завршување на учебната година и испитот по македонски јазик.
За жал, поради рестрикциите со коронавирусот, матурската прослава мораше да се одржи виртуелно, преку платформата “Зум”.
Покрај учениците, родителите и наставниците, на матурската свеченост присуствуваа и специјални гости меѓу кои директорот на Викториското училиште за јазици, г-нот Френк Марлино, генералниот конзул на Република Македонија во Мелбурн, г-ѓа Сања Зографска, заменик директорот на Викториското училиште за јазици, г-нот Стефо Стојановски, заменик директорот на Викториското училиште за јазици, г-ѓа Пандора Петровска, директорот на центарот Томастаун, г-нот Калаф Грејс и директорот на центарот Поинт Кук, г-ѓа Злата Мачкарофски.
Свечената прослава ја отвори претседателката на Македонското учителско друштво, г-ѓа Јованка Смилевска поздравувајќи ги сите присутни и честитајќи им ја матурата на сите матуранти со следниве зборови:
„Драги матуранти,
‘да го сочува некој својот народен јазик и да го брани како светиња значи тој да остане верен на духот на своите прадедовци и да го почитува она што тие го направиле за идните поколенија’, рекол К.П. Мисирков.
… А вие го правите точно тоа. Со изучувањето на мајчиниот македонски јазик ја покажувате својата почит кон своите родители, дедовци и прадедовци…
Ви честитам за успешно завршената матура по македонски јазик и, од свое име и од името на сите учители по македонски јазик, ви посакувам остварување на сите желби и планови во иднина.”
Генералниот конзул на Македонија во Мелбурн, г-ѓа Сања Зографска, ги поздрави матурантите со порака:
„Се надевам дека изучувањето на македонскиот јазик ќе предизвика љубопитност за посета на татковината. Со нетрпение очекуваме да ве пречекаме кај нас. Честита матура!”
Оваа година матурираа вкупно 35 ученици од три училишта: Средното училиште од Епинг (каде македонскиот јазик се изучува во редовната настава), саботното училиште во центарот Томастаун и саботното училиште во центарот Килор Даунс.
Наставничката Гордана Јанинска од Средното училиште од Епинг ги претстави своите матуранти преку прекрасна презентација.
„Љубовта кон јазикот ја чувствував кај секој од вас. Би сакала тоа да продолжи и понатаму. Бидете горди на себеси, на вашето потекло, на вашиот јазик, на вашата култура и на вашиот идентитет” – покрај другото рече таа и им порача на своите ученици:
„Јазикот е богатство, уживајте го!
Јазикот е подарок, употребувајте го!
Јазикот е наследство, предајте го на следните генерации!”
Наставничката Весна Дамчевска од саботното училиште во Килор Даунс исто така ги претстави своите ученици преку презентација.
„Иднината останува на оние кои веруваат во своите соништа. Затоа продолжете да верувате во себе, како што и јас верувам во вас, како што и вашите родители веруваат во вас, затоа што иднината на оваа земја е во ваши раце. Вие сте ‘пирејот’ македонски” – им порача таа.
Исто така честитки кон своите ученици упати и наставничката Љубица Талевска од саботното училиште во Томастаун:
„Се гордеам со нивната посветеност кон изучување на македонскиот јазик, негување на македонската култура, трации и обичаи, како и нивната желба да знаат повеќе за нивните корени. Тие ќе продолжат да бидат амбасадори на македонскиот јазик и култура.”
На оваа вечер и матурантите зборуваа за своите искуства во текот на годините на изучување на македонскиот јазик. Еве некои нивни излагања:
Марија Велјановска, Средно училиште Епинг:
„Македонскиот јазик е нашето културно и духовно богатство кое треба да се чува и пренесува од колено на колено. Иако македонски е мојот прв јазик, неговото изучување во друга земја претставува едно поинакво искуство, гледање на јазикот од една друга перспектива. Овој предмет ми овозможи да ги проширам моите знаења за македонската историја, култура и традиција и затоа одбрав да го изучувам во мојата последна година од средното образование и мислам дека знаењето кое го стекнав во овие последни години ќе биде нешто кое засекогаш ќе остане во мене.”
Ана Лазаревска, Средно училиште Епинг:
„Во текот на оваа школска година јас уживав да го посетувам часот по македонски јазик. Се чувствував многу продуктивна и горда учејќи го македонскиот јазик. На овие предавања јас научив подобро да се изразувам, исто така научив повеќе за македонската култура, за македонската историја и многу други работи. Воедно создадов и нови пријателства. За сето ова заслужна е нашата наставничка како и моите соученици. Ќе ми недостигаат часовите, но засекогаш ќе останат запаметени како убави мигови за мене.”
Николина Ѓоргиовска, саботно училиште Килор Даунс:
„Сакам да ви кажам колку сум среќна и благодарна што имав можност да го изучувам македонскиот јазик во Австралија. Точно пред една година стигнав овде во Австралија и ова училиште ме направи да се почувствувам како да сум дома, во мојата татковина каде што можам да го зборувам мојот мајчин јазик. Моето искуство во ова училиште е предобро, бидејќи не само што го завршив македонскиот јазик како училишен предмет, туку и се стекнав со многу пријателства и ја запознав најдобрата наставничка која што сум ја имала досега. Ви благодариме наставничке Весна Дамчевска за се што направивте за нас, за мотивацијата за изучување на македонскиот јазик и за зачувувањето на македонскот идентитет. За тоа што не ни бевте само учителка на нас но исто така и пријателка. Ви благодариме за добрината и за љубовта ваша кон нас.”
Кристиан Наумчевски, саботно училиште Килор Даунс:
„Го изучувам македонскиот јазик 6 години во саботното училиште во Килор Даунс.Тоа ми даде добра можност да го зголемам знаењето за мојата култура и идентитет. Беше одлично искуство за учење, бидејќи сега разбирам повеќе за моите претци и уште повеќе сум горд на моето потекло. Зачувувањето на мојата култура и идентитет сега има повеќе значење за мене и би сакал да и се заблагодарам на нашата одлична наставничка госпоѓа Весна Дамчевска, зашто навистина нè научи да го цениме нашето наследство и гордо да го продолжиме”.
Се надеваме дека овие искуства на матурантите ќе ги поттикнат младите Македонци да се запишат во училиштата каде се изучува македонскиот јазик, за да научат повеќе за своите корени и потекло.
Уписите за следната година во Викториското училиште за jазици се отворени и за постоечките и за нови ученици.
Повеќе информации за уписите можете да најдете на веб страницата на училиштето: www.vsl.vic.edu.au.

Останати вести