Македонија има над 2.600 службени и само 183 амбулантни возила, од кои тоа во Кичево има поминато фантастични 1 милион км

Директорот на Струмичката болница јавно побара донации за ново амбулантно возило, бидејќи немаат доволно возила за превоз на пациентите, особено со ковид-19.

Но повикот веднаш го повлече откако од Скопје го известиле дека ќе му пратат санитетско возило за да се “прикрпи” до декември кога наводно треба да дојдат 60 (или 65) нови амбулантни возила – донација од Кина!?
Опозицијата веднаш направи и споредба: во времето на владата на Никола Груевски во два наврата се купија вкупно 140 вакви возила. А од 2018 наваму само еднаш се набавени 12 + 2 возила за брзата помош. Спомнатите кинески амбулантни возила министерот Филипче ги ветува (и ги чека) уште од почетокот на годинава. Тие се дел од договорот со Кинезите околу пеналите за автопатот Миладиновци-Штип!?
Според податоците од Центарот за граѓански комуникации во земјата има вкупно 183 амбулантни возила, кои им се ставени на располагање на 47 здравствени институции.
Просечната старост на амбулантните возила е 11 години, односно тие се просечно произведени во 2008 година. 13% од возилата се произведени во минатиот век, односно пред 2000 година.
Најстари се две возила произведени во 1988 година, што се користат во Струга и во Отешево. Едно возило, на Здравствениот дом од Кичево, има поминато дури 1 милион и 360.000 километри.
Просечна вредност на едно возило изнесува 38.900 евра (институциите доставиле податоци за вредноста на 139 од вкупно 183 возила).
Најмногу амбулантни возила има во Скопје – 30 и во Охрид и Битола по 12. Во Велес и Куманово има по 8, а во Делчево, Кичево, Струга, Тетово и Прилеп по 7 возила. Струмица 4.
За споредба со амбулантните возила, министерствата и општините (според базата на податоци што Центарот за граѓански комуникации ја објави во октомври 2018 година) имаат на располагање 2.645 патнички возила, што значи дека на секое 15-то патничко возило доаѓа по едно амбулантно возило.

ВМРО-ДПМНЕ: КОСТАДИНОВ Е ЛИЦЕМЕРЕН, ВОЗНИОТ ПАРК НА ЗАЕВИ Е КОЛКУ 30 АМБУЛАНТНИ ВОЗИЛА
“Портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов е лицемерен, бидејќи кога нашата партија бараше три амбулантни возила за Струмица владата одговори дека нема потреба. А сега ќе се чека 2 месеци за ново возило.
Додека болниците молат за помош Заеви во својата приватна колекција го имаат најлуксузниот автомобил во Македонија – “мајбах” кој чини 400.000 евра. Семејството Заеви има и 2 суперлуксузни автомобила “бентли”, од кое еден чини речиси 200.000 евра. Заев редовно се вози со 10 БМВ мотори, кои се купени на име на една од неговите фирми, а само еден мотор чини 35.000 евра.
Здравството е во очајна состојба. Болницата во Струмица бара донации за возило. Нема ковид тестови, нема вакцини. Државата е во тотален хаос”, реагираше Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

ЗАЕВ: Сега може да го продадеме мерцедесот на Груевски
Премиерот Зоран Заев изјави дека сега се подготвени да го продадат „тенкот на Груевски” за да купат амбулантни возила откако деновиве директорот на Струмичката болница преку социјалните мрежи побара донации за набавка на комбе.
Заев уште пред првиот мандат вети дека „мерцедесот” што беше купен во времето на експремиерот Никола Груевски ќе биде продаден и од парите ќе купат амбулантни возила.
Но, „тенкот” што беше изгребан од мачки, се уште го возат и во вториот мандат на Заев, а поради неговата набавка в затвор лежат ексминистерката Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски.
Заев за ТВ 21 изјави дека „мерцедесот” сега може да се вештачи и да се продаде.
– По пресудата на Врховен суд предметот е завршен и сега може да се направи вештачење колку пари би можел да се продаде и да се направи одлука согласно тоа, што да се прави со него, изјави Заев за ТВ21.
Владата веќе еднаш донесе одлука за продажба, но „мерцедесот” не беше продаден туку се чувал како материјален доказ за предметот на СЈО „Тенк”.

Останати вести