Само едно прашање ги дели од договор за преодна влада и за датумот на изборите

Резиденцијата на ЕУ во Пржино стана центар за моделирање на политиката во државата. По се изгледа амбасадорот Орав ќе мора да го одложи одењето на одмор, кое му беше планирано за крајот на минатата седмица

Преговорите продолжуваат оваа недела, откако четирите партии не успеаја да го заокружат договорот иако препораките на Брисел и Вашингтон беа тоа да се случи до саботата. Тие се договориле за се освен за надлежностите на министерот за внатрешни работи во преодната влада.

Иако политичките лидери минатата седмица и дадоа ветување на американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд дека се вољни да постигнат компромис до петокот, преговарачките тимови на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА сепак не успеаја да го испорачаат тоа. Со часови се преговараше во Пржино, за на крајот да се објави дека од конечен договор ги дели само едно прашање – надлежностите на министерот за внатрешни работи во идната преодна влада до изборите.
Амбасадорот на САД, Џес Бејли, како еден од непосредните медијатори, соопшти дека преговорите продолжуваат оваа недела.
„Разговаравме за чувствителни прашања, партиите за викендот треба да ги разгледаат ставовите. Јас сум оптимист дека има политичка волја за решавање на отворените прашања, со цел Македонија да продолжи напред”, изјави кусо Бејли по средбата.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат дијаметрално спротивни ставови во однос на тоа колкави треба да бидат ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната влада, кој треба да биде номиниран од СДСМ. Овој податок сугерира дека во таа преодна влада опозицијата ќе ги има истите места како и во Владата од крајот на минатата година.
Каменот на сопнување се измените кои сосема неодамна беа донесени во Законот за Влада, со кои се одземени ингеренциите на министерот за внатрешни при именувањето на директори на секторите во МВР. Во мај годинава бевме сведоци и на одлуките на Владата со кои му беа поништени редица кадровски решенија на техничкиот министер Оливер Спасовски (пред да поднесе оставка). Од СДСМ тврдат дека министерот за полиција мора да има целокупна надлежност, а не за кадровските решенија да биде ограничен од Владата и од директорите на секторите во МВР. Поради тоа инсистираа законските измени што ги усвои Собранието пред десетина дена да имаат одложено дејство, ако веќе ВМРО-ДПМНЕ не се согласува тие да бидат укинати.
Наспроти тоа, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека не смее да се дозволи да се повтори случајот со Оливер Спасовски од почетокот на годинава кога направил целосна чистка во МВР и носел одлуки за неосновани деградации. Од владејачката партија се децидни дека за нив е важно да добијат гаранции дека МВР нема да биде целосно партизирано од министерот од СДСМ.
“Впрочем, целта на пржинскиот договор не е опозицискиот министер да има целосни овластувања, туку треба да биде повеќе контролна, односно опозицијата да биде сигурна дека ќе нема злоупотреба на институциите во предизборниот период”, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Што е веќе договорено?

Доколку партиите постигнат договор, најавите се дека изборите би биле кон крајот на ноември или почетокот на декември. Претходно лидерската четворка кон крајот на август ќе треба да оцени дали се исполнети условите за избори и да го потврди изборниот датум.
Тимовите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА се договорија околу прочистувањето на избирачкиот список и реформите во медиумите, но и за тоа преодната влада да биде формирана 100 дена пред гласањето, но само доколку изборите се одржат до крајот на годинава. Партиските претставници договорија дека спорните 40.000 гласачи што нема да се пријават на јавниот повик ќе се избришат од избирачкиот список, а ако некој е избришан по грешка, а на јавниот увид докаже дека постои, повторно ќе биде вратен во избирачкиот список.
Во однос на медиумите, договорено е да се формира ново регулаторно тело составено од пет члена. Од нив четири ќе предложат четирите политички партии, а петтиот ќе го изберат самите членови. Ова тело ќе има ингеренции да набљудува, но и да изрекува казни за известувањето на медиумите 100 дена пред изборите, но и на самиот изборен ден.
Уредникот на информативната програма на МТВ ќе биде експерт, на предлог на опозицијата, но со согласност од ВМРО-ДПМНЕ.

Останати вести