Доколку во наредните 2-3 дена партиите не се договорат, Договорот од Пржино ќе пропадне, предупреди белгискиот посредник Питер Ван Хауте. Според белгискиот медијатор, клучен услов е Државната изборна комисија да почне да функционира најдоцна за две недели.
Ван Хауте излезе од дипломатската пракса и одржа предавање пред поголема група претставници од медиумите, при што упати неколку отворени пораки до политичките лидери во земјата:
„Доколку нема компромис меѓу партиите, ќе има сериозен одговор од ЕУ и Америка, како и сите други земји кои со внимание го следат процесот. Нема да демантирам ниту да потврдам дека се можни санкции доколку политичарите не успеат да се договорат за излез од кризата. Доволно е да се погледне примерот со Белорусија и каков тип на односи има ЕУ со таа земја и нејзините лидери, кога се загрозени слободата и правата на граѓаните. Во минатото се покажа дека овие мерки можат да бидат ефективни. Она што можам да го кажам дека постои група која се вика „Friends of Macedonia” и знаеме дека некои земји членки веќе ја напуштиле оваа организација”, рече Ван Хауте.
Додека говореше пред новинарите тој држеше лист хартија на која на англиски и на македонски јазик, стоеше паролата „Зборот е збор”.
Ван Хауте истовремено ги разреши и сите медиумски шпекулации за тоа што бил „камен на сопнување во преговорите” – а тоа била забраната за преобјавување на т.н. „бомби” на опозицијата.
Не може да се назначат министри за да пијат кафе, мора да имаат моќ
Питер Ван Хауте го критикуваше Собранието на РМ дека е недемократично и нефункционално, дека Македонија има проблеми со целиот државен апарат и изрази сериозна загриженост за работата на судовите.
Според него во Македонија е потребен процес на помирување, граѓаните отворено да почнат да зборуваат за нивните проблеми и за неправдата која ја преживеале. Луѓето, рече тој, мора да ја раскажат сопствената приказна.
Доколку до почетокот на ноември не бидат избрани членовите на Државната изборна комисија и доколку ДИК не почне да функционира, нема да имате предвремени избори, предупреди белгискиот експерт. Изборот на членовите, како што рече, се одолговлекува затоа што нивното назначување мора да го потпише министерот за информатичко општество и администрација. Од ВМРО-ДПМНЕ тврделе дека тоа не може да се случи затоа што откако Иво Ивановски поднесе оставка Информатичко општество нема министер.
“Тоа е потсмевање со сопствената држава. Законите јасно наложуваат доколку нема министер, заменик министерот ги презема сите надлежности”, рече тој.
Во врска со најважната тема деновиве, околу министрите и замениците-министри за формирање на предна Влада, Ванхауте рече дека партиите постигнале договор кој мора да се почитува. Во овој дел тој отворено застанува на страната на СДСМ од каде бараат да не се ограничуваат овластувањата на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика кои опозицијата треба да ги предложи. Наводно ВМРО-ДПМНЕ побарале овие министри да имаат ограничени ингеренции, а замениците-министри кои ќе бидат од нив предложени, да имаат право на вето по секое прашање.
“Имавме договор кој не е испочитуван. Не може министри да се назначат за да пијат кафе, туку за да имаат моќ која ќе можат да ја искористат” рече Ван Хауте.
ВМРО-ДПМНЕ е подготвена и спремна за сите опции, се вели во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија велат дека тие се однесувале принципиелно и во согласност со договорот од Пржино, додека пак СДСМ се обидувала по секоја цена со паушални толкувања да бара негово проширување и дополнување. Дополнуваат дека достоинственото држење на ВМРО-ДПМНЕ предизвикувало нервоза кај СДСМ, кои пак се обидувале да заплашуваат со терминологијата дека “за СДСМ сите опции се отворени” алудирајќи на закани со повторно објавување на незаконските стекнати, креирани и објавувани материјали.
– И за нас се отворени сите опции, велат од ВМРО-ДПМНЕ, отворени се сите опции за активности и дејства предвидени со законите и со уставот кои како пракса се постојат во сите демократски земји и кои се потврдени со волјата на народот, стои во соопштението на ДПМНЕ.