Јувентус ја обезбеди деветтата титула во низа, откако на својот „Алијанц” во Торино ја победи Сампдорија со 2:0. Иако долго се водеше битка и полемика, Јуве цврсто го држеше врвот и ги искористи киксовите на конкурентите за ново славје.
Овој трофеј е прв во кариерата на тренерот на оваа екипа, Маурицио Сари. Италијанецот често беше на удар од критичарите поради недопадливата игра на Јувентус, но на крајот дојде до целта и обезбеди нова титула, а ќе се борат и во Лигата на шампионите. Тој имаше пофални зборови за своите играчи, ама кажа и шега на своја сметка.
– Ова беше долг и тежок пат, но со среќен крај. Оваа екипа заслужува вакво признание поради гладта за победа и одлучност која ја покажува по осум титули во низа. Најлошо е кога успехот се зема здраво за готово. Влегов во соблекувалната по натпреварот и само им кажав дека очигледно се многу добри фудбалери штом со мене на клупата ја освоија титулата, се пошегува Сари.
Првата цел во сезоната е исполнета а, иако загубија во финалето на Копа Италија по пенали од Наполи, пред „старата дама” е тест во елитното европско натпреварување каде во реваншот од првата нокаут рунда ќе бркаат еден гол против Лион.
Најдолгите шампионски серии во Европа
Јувентус со оваа национална титула стана прв клуб од петте најсилни европски лиги кој бил шампион девет години по ред, но моментално не е и единствен на континентот. Во ваква серија се и Селтик во Шкотска и Лудогорец во Бугарија, додека рекордот го држат Линколн од Гибралтар и Сконто од Летонија, кои ја освојуваа шампионската титула 14 години во низа. Баерн е на осум титули во серија.