Собранието на РМ ги избра двајцата министри и тројцата заменици-министри на СДСМ, согласно договорот од Пржино. Нов министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски, а за труд и социјална политика Фросина Ременски.
За заменик-министер за финансии е избран Кире Наумов, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски.
Поранешните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Митко Чавков и Диме Спасов ги добија заменичките функции во ресорите кои досега ги раководеа.
Нов министер за информатичко општество и администрација стана досегашната заменичка во истото министерство, Марта Арсовска Томовска.
Со оглед на тоа што новите министри на СДСМ се проминентни политички фигури на оваа партија, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, ја повика опозициската партија да ја преземе одговорноста за учеството во власта.
“Предлагате партиски личности во Владата, но тоа повлекува и политичка одговорност”, му порача Димовски на СДСМ. “Утре никој нема да може да каже дека некој технички министер што бил прифатен од сите партии, требало, можело, знаел, не знаел, како да раководи со министерството кое го презел. Не! Секретарот и потпретседателот на СДСМ ќе ја понесат целокупната одговорност, а нивната партија целокупната политичка одговорност за сите грешки кои ќе следат во наредниот период”, посочи Димовски.
Според него, новиот министер за внатрешни работи ќе мора да се справи со сериозни предизвици, мигрантската криза и појавата на разни радикални групи во регионот кои се закануваат со дестабилизација.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, пак, Горан Сугарески одговори дека изборот на техничката влада не значи поделба на власта со ВМРО-ДПМНЕ туку дека нивните кадри во Владата ќе бидат коректив на власта.
“Ова е почеток на враќање на довербата на граѓаните во институциите. Нашата цел е да обезбедиме гаранции и услови за фер и демократски избори, во кои правото на глас нема да биде уценето”, рече Сугаревски.
Независните пратеници и опозициската ДПА искажаа скепса дека техничката влада ќе ги исполни очекувањата на граѓаните. Роза Топузовска – Каревска и Солза Грчева приговараа што СДСМ, место експерти, во Владата предложила партиски кадри. „Нè очекува страшна ситуација. Тргнува бран од 3 милиони бегалци и немојте да велите дека влегувате во Влада само за изборите. Ние не треба да имаме половичен туку цел министер”, рече Грчева.
ГРУЕВСКИ ЌЕ ГИ НАБЉУДУВА НОВИТЕ МИНИСТРИ „КАКО СВОИ”
Премиерот Груевски, пред изборот на Спасовски и Ременска, во говоорт пред Собранието рече дека од нив очекува посветена, одговорна работа согласно законите.
“Очекувам новите министри и заменици да бидат фокусирани на изборниот процес, согласно договорот, да не ги кочат започнатите проекти на Владата и да бидат посветени на решавање на проблемите на граѓаните. Очекувам работење во согласност со законите и етичките и моралните норми, без злоупотреба на министерските функции во партиски цели. Јас ќе продолжи будно да го следам работењето на секој член на Владата, да соработувам со министрите во интерес на граѓаните и државата, но и да реагирам соодветно во случај на прекршување на законите”, кажа Груевски.