СДСМ фаќа залет за избори, кој ќе влезе во опозицискиот блок?

СДСМ решил да направи што е можно поширок фронт наспроти ВМРО-ДПМНЕ. Коалицијата на СДСМ ќе се шири – можно е да и се приклучат и невладини активисти и организации.

Коалицијата на СДСМ ќе се проширува за претстојните избори, за што, според одредени информации, се прават интензивни подготовки во последниот период. Како што најавува “Утрински весник”, голема е веројатноста кон опозицискиот блок, покрај некои помали партии кои досега беа надвор од коалицијата, да се приклучат и активисти на невладини организации кои беа активни за време на „Шарената револуција” и за нив да биде оставен простор на кандидатските листи за пратеници во шесте изборни единици во земјава. Се спомнува бројка од пет до шест места во добитни комбинации, што би значело по едно во секоја изборна единица, за што ќе треба да направат одредени отстапки и од СДСМ и од помалите парламентарни партии од опозициската коалиција.
Од СДСМ, официјално, потврдуваат дека во континуитет се прават консултации за засилување на коалицискиот потенцијал на партијата и за обединување на што повеќе субјекти кои се критички настроени кон владејачката гарнитура и се залагаат за промени на политичката сцена. Велат дека во очекување на лидерската средба на 31 август – кога треба да се оценува дали се исполнети условите за избори во декември, се уште е рано да се зборува за тоа како и со кого партијата ќе настапи на парламентарните избори. Сепак, според “Утрински, информациите одат во насока на тоа дека ако се постигне договор за учество на претставници на НВО-секторот на изборите, тие не би фигурирале како посебни субјекти во рамки на коалицијата, туку, веројатно, како независни кандидати на опозициските листи, бидејќи изборната регулатива предвидува дека листи за пратеници може да поднесат регистрираните политички партии – самостојно или како коалиција, како и група избирачи со собрани илјада потписи во одредена изборна единица.
Во опозициската коалиција, предводена од СДСМ, во моментов партиципираат десетина политички субјекти, главно позиционирани во политичката левица и во центарот, како и неколку партии на помалите етнички заедници. Покрај СДСМ, во овој собраниски состав пратеници имаат и НСДП и ЛДП. Пред неколку месеци лидерот на СДСМ, Зоран Заев, имаше средби и со претставници на помалите и новоформирани опозициски партии од албанскиот политички блок, во насока на одредена соработка со нив за време на изборите.
Ова не е прв обид на СДСМ да ги собере во еден блок сите опозициски настроени субјекти. Најамбициозниот таков проект на СДСМ досега беше изведен во периодот по парламентарните избори во 2011, а пред локалните избори во 2013 година. Поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, тогаш ја обнови коалицијата со ЛДП и договори соработка со вонпапарламентарните десничарски партии што произлегоа од ВМРО-ДПМНЕ: ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски, Обединети за Македонија на Љубе Бошковски и Достоинство. Но, тој левичарско-десничарски пакт не беше успешен – ги загуби изборите глатко.

ВМРО-ДПМНЕ ВЕЌЕ СЕ СПРЕМА И ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ ВО 2017

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку конкурс ќе ги избира кандидатите за градоначалници за локалните избори што треба да се одржат најдоцна кон крајот на мај следната година. Партијата во печатените медиуми објави јавен повик за доставување кандидатури за номинации за градоначалници за сите 84 општини во земјата. Според огласот, кандидат за градоначалник може да биде секој граѓанин кој ги исполнува уставните и законските услови за кандидирање, да е член на ВМРО-ДПМНЕ или пак да се согласува и да ги поддржува политиките, идеологијата, заложбите и програмата на оваа партија. Освен општите податоци, кандидатите треба да поднесат и детална програма за работа на општината со конкретни проекти, мерки и идеи. Конкурсот трае до 20 септември, а кандидатурите ќе ги разгледува посебна партиска комисија која ќе биде формирана за таа цел. ВМРО-ДПМНЕ на ист начин постапи и пред локалните избори во 2013 година.
Партискиот портпарол Иво Котевски потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ паралелно со парламентарните се подготвува и за локалните избори.
„ВМРО-ДПМНЕ како и секогаш сака да биде сигурна дека ќе ги има најдобрите кандидати, со најдобрата програма која ќе биде предмет на долга и сериозна анализа. Бидејќи граѓаните не поддржуваат и не смееме да ги изневериме нивните очекувања. Ќе видиме дали сите кандидати ќе бидат од конкурсот. Има време до избори. Сега се распишува повикот”, вели Котевски.

Останати вести