За овие последни десетина години во Македонија навлезе шунд музика од странство, влијаеше дури и на нашите деца, и тоа тешко ќе се менува, вели професорот Кире Костов.
Веста дека Владата ќе ја рестартира музичката продукција на МРТВ ги израдува добар дел од музичарите и музичките продуценти, додека други пак се сомневаат дали воопшто може да се ревитализира, да се крене на нозе нешто што во последните десетина години и – не постои.
Од Владата соопштија дека целта е македонската музичка продукција да зајакне и да го има сјајот на минатото, а не како во изминатите десет години преку субвенции да се продуцира неквалитет. На предлогот до Владата работеа и Кире Костов, Живоин Глишиќ, Славе Димитров, Љупчо Мирковски и Будимка Имери.
Порталот “Плусинфо” направи анкета помеѓу домашните познати музичари и творци на музика на прашањето: “На кој начин може да зајакне музичката продукција на МРТВ?”.

Валентино Скендеровски:
– Музичката и касетна продукција на МРТВ практично и не може да зајакне, затоа што едноставно не постои со години. За жал, полека но сигурно, на систематски начин, како нарачано, последните неколку раководства добро се потрудија да ја закопаат толку длабоко, што никој веќе не ни помислуваше дека постои можност да се возобнови. Искрено, многу се радувам и се надевам дека се ќе биде во ред. Не знам дали воопшто на светот постои држава која нема своја институција која треба да се грижи за музиката и нејзиниот прогрес – вели Валентино Скендеровски, професор на Факултетот за Применета музика при Универзитетот за аудиовизуелни уметности-ЕСРА.

Кире Костов:
– Сметам дека крајно време е да се врати сјајот на музичката продукција, ако воопшто е можно сега, бидејќи многу е „испуштена”, како во изведувачка, така и во авторска смисла. За овие десетина години колку што постоеше оваа музичка дупка, во Македонија навлезе шунд музика од странство, влијаеше дури и на нашите деца, и тоа тешко ќе се менува. Ревитализацијата на музичката продукција на МРТВ ќе вклучи и дигитална опрема во студијата. Како професор на Факултетот за музичка уметност, можам да кажам дека од моите студенти може да се пополни дел од „Биг Бендот” за да почне да работи. Треба време, но ги имаме децата. Многу е голема провокацијата да заживее нешто што е урнато, но, јас сум оптимист, мора да интервенираме и тоа да го смениме. Се надевам дека се што е испуштено ќе го вратиме на колосекот, на здрави основи – вели Костов.

Љупчо Мирковски:
– Музичката продукција е замислена да има редакции на забавна, народна и класична музика, кои секоја во својата област ќе нарачуваат, снимаат и ќе ги реализираат делата на сите автори, а особено на младите кои треба да ги поттикнеме да творат повеќе, затоа што имаат потенцијал. Во рамките на музичката продукција ќе има Биг Бенд, народен оркестар, оркестар чалгии и оркестар на народни инструменти со музичари во редовен работен однос. Таканаречените ансамбли, музички соработници со хонорарен статус, би биле камерниот оркестар, мешаниот хор и детсткиот хор. Музичката продукција ќе биде отворена за соработка со сите автори и музичари воопшто, се разбира преку „филтер” кој се вика музички колегиум, каде што ќе се преслушуваат и прегледуваат предложените дела, кои потоа, ќе бидат секако понудени на сите медиуми, доколку се заинтересирни да ги емитуваат на своите програми – објаснува Мирковски.

Петар Георгиевски-Камиказа:
– Не сум премногу оптимист зашто не гледам кој може да ја поттурне воопшто работата од почеток, сега, кога меѓу тимот нема ниеден менаџер. Јас бев уредник на забавната редакција во Музичко-касетната продукција петнаесетина години, во периодот кога д-р Јане Коџобашија го предводеше тимот. Во тој период беа издадени 11 изданија на антологиска народна музика. Во забавната музика беа произведени 176 потпишани изданија, меѓу кои на „Зијан”, „Архангел”, „Ареа”, „Санаториум”, Јаков Дренковски, Џокси, Гарабет Тавитјан и други врвни музички имиња. Од тоа време извира целата добра македонска музика, зашто пред нас немаше изданија. Се возобнови и Скопскиот фестивал, на кој бев директор дванаесет години. Под раководство на Мате Грујовски, уредникот на народната редакција, се постави фестивалот „Цветници”. Се возобнови Танцовиот оркестар и Ревискиот оркестар од кој пак, произлезе евровизискиот настап на Македонија. Тоа беше времето кога музичката продукција на МРТ го имаше својот расцут. Потоа, со промена на менаџерскиот тим, следуваа години кога се растурија Ревискиот и Танцовиот оркестар, а од 2005 година не се произведе ниедно музичко издание. Во поново време, Скопскиот фестивал се организираше за фантастична сума од 176.000 евра, без вклучени хонорари на авторите. Во нашето време пак, таа сума изнесуваше околу 32 илјади марки за целиот Фестивал – заклучува Георгиевски.
Се творело за душа и за слава, а не за пари
Георгиевски ја нагласува и разликата на работата во тоа време и во денешно време, потенцирајќи дека во времето на успешната работа на Музичката-касетна продукција, тимот бил воден од ентузијазам, додека во поново време интересот е главно во заработувачката на поединци.
– Менаџерскиот тим од тоа време работеше за да му служи на народот, за скромни плати од тристотини германски марки и со голем ентузијазам да се направи нешто. Не добивавме никакви субвенции, а направивме многу. Поважно ни беше пишувањето на историјата на македонската музика, отколку парите, зашто парите ќе се потрошат, а историјата не може да се избрише. Кои изданија се издадоа оттогаш?! Кој може да ја поттурне воопшто работата од почеток, сега, кога нема менаџер? Ако македонската музичка продукција сега добива шанса да се зајакне, сметам дека треба да се повика за главен консултант д-р Јане Коџобашија, кој е во полна физичка и умствена кондиција, бидејќи токму тој ги постави новите стандарди на најуспешниот период од Музичко-касетната продукција. Инаку, тешко е да се надеваме дека нешто ќе тргне на подобро – додава музичарот Петар Георгиевски – Камиказа.
За подготовка на решението за музичката продукција на МРТ ќе биде ангажирана работна група од Кабинетот на претседателот на Владата, министерствата за култура, за финансии, за информатичко општество и администрација, МРТ и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Работната група е задолжена во рок од 30 дена по нејзиното формирање да подготви анализа на финансиските импликации и актите на МРТ и до Владата да достави информација за анализата со кои институции ќе треба понатаму да постапат и практично да се спроведе процесот на ревитализација на музичката продукција на МРТ.
“Плусинфо”)

Виртуозот Пеце Атанасоски ја свирел гајдата во “Липе цвату” на Бијело Дугме
Малкумина знаат дека свој печат во осмиот албум на една од најпознатите екс-ЈУ групи “Бијело дугме”, има и виртуозот на гајда од прилепско, Пеце Атанасоски.
Албумот кој излегол во 1984 година и е познат како “Косовска девојка” е во издание на дискографската куќа “Дискотон” и е сниман во студијата на РТВ Скопје, РТВ Загреб и РТВ Сараево.
На него се наоѓаат 10 песни, а една од нив е и легендарната “Липе цвату”, на која гајдата писнува од самиот почеток и е дело токму на Атанасовски. Другите народни инструменти на истата песна ги свири Народниот оркестар на МРТВ од тоа време.