Се е спремно за “Струшките вечери на поезијата“

Ќе дојдат 39 светски поети од сите краишта на планетава.
“Струшките вечери на поезијата” оваа година ќе траат еден ден подолго – ќе започнат на 26 август, делот во Струга ќе заврши со „Мостови” на 30 август, а потоа ќе следи еден ден во Скопје. 

– Оваа година, како ретко до сега, имаме избор кој е мешавина од светски познати поети и надоаѓачки имиња, рече директорот на СВП, Мите Стефоски на средбата со новинарите.
Покрај добитникот на годинашниот “Златен венец”, коресјкиот поет Беи Дао и лауреатката на наградата „Мостови на Струга”, Паула Бозалонго, доаѓаат уште 37 големи светски поетски имиња. Пред се најголемиот арапски поет Адонис, инаку добитник на “Златниот венец” во 1997) како и американскиот Јусеф Комунјака, рече Стефоски.
На прес конференцијата беа соопштени и петте кандидати кои влегоа во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци” за најдобра поетска книга на македонски јазик, која е објавена меѓу две изданија на фестивалот.
„Киноутро” поетска книга од Јовица Ивановски, „Слики книга” од Гордана Михајловска Бошњаковска, „Се случува вечност” на Радован Павловски, „Година без лето” – Виолета Танчева Златева и „Премостување на мигот” од Тодор Чаловски, соопшти Славе Ѓорѓо Димовски .
Врачувањето на сите награди „Златен венец на поезијата” чиј годинашен добитник е кинескиот поет Беи Дао, наградите „Мостови на Струга” и “Браќа Миладиновци” ќе бидат врачени на свеченото затворање на фестивалот.
Директорот најави и дека за првпат оваа година ќе има читања и настани во повеќе други градови од Македонија, а во времетраење на фестивалот. Така, настани ќе има и на Тумбе кафе во Битола, во Драмскиот театар во Скопје итн.
Ќе има и презентација на поетски филмови, нови поетски читања на нови локации и на нови начини, што ќе допринесе за подобра презентација на гостите.
Во фокусот ќе биде мексиканската поезија. Од многуте новини, директорот Стефоски најави и дека СВП ќе организира зимски поетски фестивал кој ќе се случува во декември, со само четворица поканети автори.

Останати вести