Се конзервира првиот градски жртвеник во Стибера

Локалитетот Стибера e оставен на забот на времето поради неоткупување на земјиштето од страна на државата 

Античкиот локалитет Стибера кај прилепско Чепигово за прв пат на јавноста ќе ѝ го претстави градскиот жртвеник. Од Прилепскиот музеј го конзервираат првиот жртвеник што им служел на жителите од пред 18-ина века. Направен од мермерни блокови на 700 метри од центарот на Стибера покажува дека градот се простирал на двете страни од Црна Река.

Деловите на жртвеникот се откриени пред четири години, расфрлани. Дури два мермерни блока околните жители си ги користеле за селската чешма.

Но конзервацијата на жртвеникот се случува по чиста среќа што истиот се наоѓа на државно земјиште. Другите објекти откриени во Стибера за жал или воопшто не се конзервираат или се препуштени на забот на времето. Државата воопшто не води грижа околу тоа приватните ниви на кои се наоѓа овој имресивен град да се откупат од жителите на селото Чепигово. 90 % од Стибера се наоѓа на приватен имот.

– Бидејќи парцелите не се земаат под државна сопственост, проблем е тоа објектите да се конзервираат, иако се истражени. За жал ги засипуваме повторно со земја заради нивна заштита. И со тоа што ќе се засипат тие не може да се презентираат туристички, што е цел на секое археолошко истражување и вложување на државата во археолошките истражувања, вели археологот Душко Темелкоски, раководител на истражувањата во Стибера.

Иако станува збор за град кој е на рангот на Хераклеа или Стоби, тој за 6 децении е откриен само 5% токму поради овој проблем. Жителите барале 1 нивни декар во Стибера да биде заменет со други 2 декари државно земјиште, но државата засега е глува за овие барања.

– Се работи за град од 20.000 жители кој што ја имал целата инфраструктура и сите ексклузивитети на тој вид и големина на град, меѓутоа за жал денес ние можеме да се пофалиме со само неколку откриени објекти. Што значи дека изненадувањата допрва ни следуваат, истакна Кире Јованоски, архитект конзерватор.

Ова е прва конзервација на наоди во Стибера по пет години. Проектот е финансиран од Министерството за култура.

Останати вести