И лидерот на владејачката партија Никола Груевски и првиот човек на опозицискиот блок Зоран Заев деновиве најавија дека се подготвени за избори на кои ќе победат.
Од ден на ден расте притисокот за утврдување на нов изборен датум. СДСМ го замрзна учеството во Собранието на РМ додека Уставниот суд не ја расчисти дилемата околу законитоста на СЈО, “шарените” се вратија на улиците, меѓународната заедница ги притиска преговарачките тимови на четирите политички партии. Деновиве и лидерот на владејачката партија, Никола Груевски и првиот човек на опозицискиот блок, Зоран Заев, објавија дека се подготвени за избори на кои ќе победат.
„Во наредните 4 или 10 месеци, како и да е, Македонија ќе стави крај на оваа политичка игра и политичка хајка”, порача Груевски во саботата при одбележувањето на 25-годишнината на Унијата на млади сили. Според него „ВМРО-ДПМНЕ е сигурен победник на следните избори, кога и да се. Што порано – подобро, за да се скратат штетите на економијата, што всушност се директни штети врз грбот на народот, на невработените, сиромашните, компаниите и целото општество”, рече Груевски.
И Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е подготвен за избори. Лидерот на опозициската партија, Зоран Заев, во интервју за Радио Слободна Европа рече:
„Ние сме единствената партија што во декември донесе изборна програма на конгрес, подготвена со формиран штаб да влезе во изборни активности… Јас можеби сум прв политичар во врвот на големите политички партии кој доаѓа од практичниот, од деловниот сектор. Економските политики мора да дадат резултат што ќе го почувствуваат сите граѓани и семејства”, вели Заев.
Во овој момент, политичките преговори за излез од кризата се во прекин, откако во понеделникот безуспешно заврши уште една средба во резиденцијата на ЕУ во Пржино. Неизвесно е за кога ќе бидат презакажани парламентарните избори. Октомври или ноември се термините кои се споменуваат како можна опција за брзи избори. Друг можен термин за предвремени парламентарни избори, што се спомнува во политички кругови е мај следната година, односно во редовниот термин за локалните избори. Последната опција се парламентарни избори во редовниот термин, односно во првите месеци на 2018 година. Но толкаво пролонгирање на процесот за излез од кризата, сепак, не е најпосакувана варијанта со оглед на влошувањето на политичката ситуација во земјата.
„Партиите се самите одговорни да ја донесат нивната земја назад на евроатлантскиот пат. Политичката криза почна да има негативни последици за земјата и за нејзината евроатлантска иднина. Ова не е вообичаено и секое понатамошно недејствување ќе има последици. Конкретните резултати и робусните реформи во следните недели ќе бидат клучни за тоа дали Европската комисија ќе ги повтори своите препораки во следниот годишен извештај”, порача минатата недела портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, а слични пораки упати и американскиот амбасадор Џес Бејли.
Се чека каква оценка ќе даде Советот на ЕУ
Деновиве треба Советот на ЕУ да ја даде редовната шестмесечна оценка за напредокот на Македонија како земја-кандидат за членство. Пред една седмица, на подготвителниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ стана јасно дека нема да има посериозни закани кон Македонија. Министрите на неколку земји, претежно од Централна Европа но и Коѕијас од Грција, се изјасниле дека нивните влади нема да поддржат санкции кон Македонија бидејќи се смета дека со тоа ќе се нанесе повеќе штета. Сепак, остануваат критиките за нефункционалната демократија, а грчкиот министер дури изјавил дека “Брисел ги размазил властите во Скопје”.
Реалната политика се врати на сцена
Од почетокот на мај во земјата повторно е воспоставена политичката власт каква што беше пред една година. Единствено различно е името на премиерот. Но Груевски и понатаму функционира како вистински премиер, што се гледа од неговите настапи: тој ги објавува следните мерки на Владата, нему му реферираат министрите… Да не беа странците, Груевски одамна ќе расчистеше со Зоран Заев и СДСМ (преку “Пуч”). Околу актуелната политичка криза во земјата и замрзнатите преговори, својот став деновиве го изнесе и претседателот Ѓорге Иванов. Тој во последното обраќање до јавноста (а веднаш потоа и во интервју за дневниот весник „Дневник”) порача дека местото за решавање на сите спорни прашања, па и кризи, е само во институциите на државата, а не на улица или во странските амбасади.
Тезата која ја застапуваат Груевски и Иванов им е заедничка: политичките кризи не се решаваат со закани, уцени и притисоци и рушење на институциите и воспоставениот правен и демократски систем. Ако не може да се води дијалог, тогаш единственото нешто што останува е да се почитуваат утврдените процедури, велат двајцата.
Но, во Македонија проблемот е токму во различниот ракурс од кој се гледа на поставеноста на институциите и воспоставениот правен и демократски систем.
Ако за ВМРО-ДПМНЕ состојбата во земјата е одлична (би била и подобра да ја нема опозицијата) и оди кон идеална, за СДСМ и за западните сојузници сликата е поразителна – наместо демократија има авторитарен режим, институциите се под целосна контрола на власта а правдата е селективна. Таква беше оценката на Комисијата на Прибе, а во иста насока беа и препораките на Европската комисија пред Пржинскиот договор. Затоа беше формирано и Специјалното обвинителство кое презема да ги работи кривичните пријави што СДСМ ги поднесе пред една година, а Државното јавно обвинителство ги игнорираше.
Единствено за што сите се согласуваат е дека кризата мора да се разреши преку избори.
Подготовки за избори сепак има
Државната изборна комисија и претставниците на четирите најголеми партии се согласија за формирање работна група, која ќе направи нов обид за ново „проветрување” на избирачкиот список. “Нека се направи онака како што предлага СДСМ”, согласен е Никола Груевски. Во план е дополнителна проверка на 71,000 гласачи за кои нема никаква евиденција, спорни се и 42,000 избирачи за кои не постои евиденција дека побарале биометриски документ или се водат на непостојни адреси, како и 170,000 гласачи кои наводно живеат во странство и тие ќе фигурираат на посебен избирачки список.
Засега неуспешни остануваат уште преговорите околу релевантното и одговорно однесување на медиумите. СДСМ бара да има запретена казна за новинарите коишто ќе прават спинови и ќе промовираат лажни информации, додека ВМРО-ДПМНЕ не се согласува под изговор дека тоа ќе значи укинување на слободата на медиумите.