Се редат барања за стопирање на судењата по случаите на СЈО

Ако не се најде решение за СЈО до 15 септември, тогаш сите процеси на ова обвинителство ќе паднат во бунар бидејќи единствен овластен обвинител во овие предмети е првиот човек на СЈО.

Освен што е во притвор од 16 септември Катица Јанева повеќе нема да биде специјален јавен обвинител бидејќи мандатот и истекува ден претходно (дури и да не биде разрешена од Советот на обвинители). А потоа СЈО исто како да не постои… освен ако не се најде времено решение
Судењето за „ТНТ” (уривањето на комплексот “Космос”) на СЈО продолжува со сослушување на сведоци предложени од одбраната, откако Судечкиот совет го отфрли барањето на одбраната за одложување на главната расправа до целосно решавање на состојбата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор како осомничена за случајот „Рекет”.
– Судот смета дека ваквото барање е неосновано, со оглед дека станува збор за специјален јавен обвинител, кој согласно закон има целосна автономија и нема орган кој ќе решава по барањето за одложување, изјави претседателот на Судечкиот совет, судијата Огнен Ставрев.
Случајот се наоѓа во доказна постапка а застапник на обвинението е обвинителот од СЈО Бурим Рустеми.
Адвокатот Дончо Наков рече дека јавниот обвинител Бурим Рустеми е сослушан сведок за „Рекет” и не може да ја застапува Јанева, која пак е во притвор.
– Доколку продолжите да работите јас сметам дека треба да Ви укажам на записник, со цел да се знае еден ден дека Вие сте дозволиле јавен обвинител кој е сослушан сведок во случај за кој обвинителката која тој ја застапува се наоѓа во притвор. Не може овој обвинител да постапува во моментот како овластен застапник на Катица Јанева поради егзистирање на правосилно судско решение за притвор, нагласи Наков.
Друг адвокат, Димитар Дангов изјави:
– Обвинителот Бурим Рустеми тука ја застапува јавната обвинителка Јанева, а не овој предмет. Бидејќи Јанева е спречена, тоа право го немаат ниту останатите обвинители, рече адвокатот Дангов.
Но јавниот обвинител Бурим Рустеми кажа дека се додека не е официјално прекинат мандатот на Катица Јанева тие имаат право да ги застапуваат предметите. Посочи дека согласно одредбите од Законот за јавно обвинителство, републичкото Јавно обвинителство нема право да одлучува за СЈО, а со цел како што рече зачувување на автономијата на СЈО.
– Сметам дека судот треба да го прифати писмото од ЈО на РСМ како факт дека нема институцијата согласно наведените закони да одлучува и согласно тоа да продолжи со постапката, изјави Рустеми.
За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.

Останати вести