Лила Филиповска, Силјан Мицевски и Ардијан Азмоски деновиве беа на распит кај Рускоска за „Рекет”.
За евентуалната поврзаност со „Рекет” и нејзината потврдена блискост со Боки 13 пред обвинителката Вилма Рускоска деновиве исказ даде и познатата тв-водителка и инфлуенсерка Лила Филиповска (го води квизот “Кој сака да биде милионер?”). По околу еден час таа го напушти Обвинителството, но не сакаше да даде коментар за медиумите.
Половина час по Филиповска, кај Рускоска пристигна и битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски. Тој при доаѓањето „фрли” нова светлина во јавноста околку истрагата. Рече дека ова му е вторпат како е тука, дека дошол по свое барање да го дополни исказот и дека парите ги уплатил на „Меѓународен сојуз – Скопје”, а не на пензионерката со идејата за изградба на модерен европски центар за возрасни лица (Лилјана Тодоровска).
Ова беше изненадувачка изјава бидејќи сите се сеќаваме на неговата прва изјава дека 720 илјади евра (една половина од договорените 1.4 милиона евра) ги уплатил кај пензионерката бидејќи знаел оти таа е автор на идејата!? Во почетокот дури тврдеше дека се работи за нормална бизнис-зделка и дури очекуваше да се оствари!
И самата пензионерка Тодоровска има дадено исказ во Обвинителството пред десетина дена. Во јавноста изјави дека парите Мицевски ги уплатил на нејзината сметка, дека во банка била донсена во инвалидска количка (се опоравувала од сообраќајка) за да ги подигне во кеш, а потоа ги дала на друго лице од невладината на Боки 13, но не кажа за кого станува збор. “Јас сум таа што е ограбена!” потенцираше Тодоровска.
Кај обвинителката Рускоска дојдоа и Ардијан Азмоски и Ресул Лога, сопствениците на фирмата „Дрим Билдинг” од Струга, што на “Меѓународниот сојуз” на Боки 13 му исплатиле 233.000 евра за “стратешко партнерство и деловна соработка” – конкретно дека ќе им обезбеди локација за градење на старски дом во Општина Карпош.
Но, бидејќи Боки 13 и координаторката на проектите од “Меѓународен сојуз”, Јасна Мандиќ, во рок од 180 дена не ги исполниле обврските, фирмата „Дрим Билдинг” поднела тужба пред Основниот граѓански суд во Скопје.
Од „Дрим билдинг” најостро ги отфрлија и сите шпекулации дека му платиле на Јовановски за специјалната обвинителка Јанева да го повлече обвинението против нив за случајот „ТНТ” на СЈО.
Бојан Јовановски алијас Боки 13 беше уапсен на 15 јули на граничниот премин “Богородица” при обид да ја напушти државата, со торба евра. Со него во џипот биле Лила Филиповска и Зоран -Фаци, вработен во телевизијата на Јовановски 1ТВ.