Академскиот сликар Коста Крпач (40) беше најден минатата среда (27 април) застрелан со еден куршум во градите во неговиот стан во Скопје. Тој е еден од списокот со 56 аболицирани на претседателот Иванов. Пред самоубиството тој испукал три куршума во комбе подолго време стоело паркирано од спротивната страна на улицата.
Семејната трагедија на семејството Крпач минатата недела беше повод за нови обвинувања помеѓу приврзаниците од провладиниот и опозицискиот табор. Коста Крпач, сопруг и татко на едно дете беше затекнат мртов во неговиот стан на улица “Иво Лола Рибар” во центарот на Скопје (до АМСМ). Полиција го нашла неговото тело со прострелна рана во градниот кош попладнево откако претходно еден час ја чекала неговата сопруга да дојде од нејзиното работно место (наводно во УБК) за да ја отвори од внатре заклучената влезна врата. Телото на Коста е пронајдено во спалната соба, а крај него бил револверот кој го поседувал со дозвола (наследен од татко му).
А првичниот повик за полицијата бил затоа што од станот на Крпач било пукано во паркирано комбе на спротивниот паркинг, сопственост на фирма за производство за пиротехнички материјали. Во комбето завршиле три куршума, никој друг не е повреден.
Коста Крпач е едно од 56-те имиња кои се најдоа на долгиот список аболицирани од страна на претседателот Ѓорге Иванов. Во Одлука број 2097 тој е прв на листата од тројца помилувани, зад него се Владислав Стајковиќ и Христијан Панев. Иако во “Службен весник” никаде не стои кој за какви дела е аболициран, Крпач се спомнуваше во “бомбата 15” за набавката на опрема за прислушување и провизијата од Израел.
Во тој период Крпач бил директор на фирмата “Финзи” на која легнувале пари за зделката со израелската опрема, а која исто така се води и како сопственик на агенцијата “Нетпрес”. На почетокот од месец април Специјалното јавно обвинителство со судски налог одзема документација за неколку фирми од Централниот регистар на РМ. Подоцна се дозна дека една од фирмите за која се барал историјат на деловното работење е токму “Финзи”.
Си го одзел животот поради неподносливи притисоци
Обдукцијата над телото на Коста Крпач е завршена и тој беше погребан веќе следниот ден. Но, резултатите од направената обдукција не се објавуваат зашто Јавното обвинителство побарало дополнителни анализи. Никој не оспорува дека се работи за самоубиство поради скорешни трауми во животот, но дилемата е кои се тие. Што го натерало да си го одземе животот човекот за кого еден од соседите изјави дека никој во зградата не знаеле оти е во проблеми се додека не му го виделе името меѓу аболицираните. Прва индиција е тоа што пукал во комбето за кое, најверојатно, мислел дека внатре има опрема и луѓе кои го следат и го набљудуваат.
Се слушнаа обвинувања дека Крпач е првата жртва на СЈО, зашто наводно бил под неиздржлив притисок и уцени да соработува.
Специјалното обвинителство веднаш одговори дека, напротив, Коста Крпач бил “сведок во истражна постапка кој доброволно се пријавил” и дека “поседуваат сериозни докази оти бил следен, малтретиран и уценуван” токму од спротивната страна. Тој бил виден и снимен како влегува во зградата на СЈО бидејќи поранешниот шеф на УБК имал распоредено луѓе кои 24 часа го надгледуваат седиштето на Специјалното обвинителство, по што започнала тортурата врз него. Коста Крпач неколку пати посетил психијатар, но очигледно ни стручната помош на психијатрите ниту лековите за смирување не помогнале.
СЈО исто така информираше дека никогаш не била водена кривична постапка против Крпач и тој никогаш немал својство на осомничено лице. Поради тоа сè уште чекаат одговор на поднесеното барање за тоа од каде му се информациите на претседателот на Република Македонија дека, наводно, против ова лице се водела кривична постапка (и го аболицираше).
Ако бил сведок, зошто му направиле претрес?
Основниот суд Скопје 1 се огласи со соопштение дека на 1 април, по барање на СЈО, судија на претходна постапка издал наредба за претрес на домот на Коста Крпач. Судот првично објави дека налогот за претрес бил како за осокничено лице, но неколку часа подоцна се корегираше дека налогот бил “за претрес на домот на К.К.”
Јавноста веднаш го постави прашањето зошто СЈО му вршело претрес po дома ако тој бил доброволен сведок? И дали станал сведок пред или по претресот?
Свој одговор се обиде да даде скопската адвокатка Јошевска која шпекулираше дека можно е претресот да бил вид на заштита за Крпач, да се сокрие дека тој е сведок, да изгледа како да е осомничен. Но ова секако е шпекулација која пред се ја отсликува перцепцијата за “војната” што се води помеѓу СЈО и проминентните осомничени од прислушуваните материјали.
Но случајот со самоубиството на Коста Крпач сериозно го доведува во преден план прашањето како се заштитени сведоците кои прифатиле соработка со Специјалното обвинителство.