Истражувачите не го поврзуваат затворањето на озонската дупка со намалувањето на загадувањето на воздухот предизвикано од преземените мерки во светот за забрана на движење во борбата со коронавирусот.
Исто како што ненадејно се формира, озонската дупка на Арктикот ненадејно и исчезна минатата недела, соопштија научниците кои ја следат дупката од Сервисот за следење на атмосферата Коперник (Copernicus Atmospheric Monitoring Service – CAMS).
Истражувачите сметаат дека пандемијата не е причина за затворањето на озонската дупка, туку за нејзино затворање придонесе невообичаено силниот и долготраен вител.
– Сега, кога заврши интензивниот поларен вител, озонската дупката се затвори – соопштија од Сервисот и додадоа дека не очекувааат ваква појава да се случи следната година.
Според последните податоци на НАСА, озонот над Арктикот достигна рекордно ниско ниво во март.
Вакво осиромашување на озонската обвивка над Арктикот е регистрирано и во 1997 и 2011 година.
– Иако таквите ниски нивоа се ретки, тие не се невидени – велат истражувачите.
Експертите сметаат дека за „необичните атмосферски услови” кои доведоа до најновата озонска дупка, причина е индустриската хемикалија хлорофлуоројаглеводород (HCFC) кој се задржува во облаците на голема надморска височина при ненормално ниски температури. Оваа хемикалија се користи во уреди за климатизација.
На почетокот од април научниците од Европската вселенска агенција изјавија дека ретката дупка зафаќа површина три пати поголема од големината на Гренланд. Тие најавија дека озонската дупка ќе изчезне со зголемувањето на температурите, со изчезнување на поларниот вител со што ќе му се дозволи на воздухот осиромашен со озон да се помеша со богатиот со озон воздух од пониски слоеви на атмосферата.
Инаку, светот во 1987 година се согласи да ја заштити озонската обвивка. Тогаш 197 земји го потпишаа Протоколот во Монтреал во кој се обврзаа да ги забрана хемикалиите како хлорофлуоројаглеводород со цел да го заштитат озонот од натамошно оштетување.
Без оваа регулатива, арктичката озонска дупка оваа година можеше да претставува закана за здравјето на луѓето.