Техничкиот премиер Оливер Спасовски на прес-конференција во понеделникот рече дека е сосема јасно оти во моментот на секој од нас животот му е променет. На прашањето кога се ова ќе заврши, кажа дека ниту светот, ниту ние имаме одговор.
– Светот се бори со невиден непријател. Вирусот не познава граници и не бира кого ќе нападне. Светот брои 1.2 милиони заболени и повеќе од 70.000 починати. Ние на време го вклучивме алармот и постепено воведовме мерки и во првата фаза успеавме да го амортизираме ударот. Мерките ги носевме етапно, по препорака на Комисијата за заразни болести. Следејќи ги искуствата на другите земји очекуваме дека ќе влеземе во фаза кога епидемијата ќе го промени својот тек. Секој од нас би сакал да знае кога се ова ќе заврши, но тоа никој не го знае – истакна Спасовски.
Според него, на крајот ќе го сопреме непријателот, но оваа битка ќе трае.
– Ние како земја го немаме поминато најлошото. Наредните две недели ќе го достигнеме пикот. Но, подобро да се подготвуваме за повеќе, а да имаме помалку. Донесовме одлука за продолжување на полицискиот час. Се очекува да достигнеме бројка од 2.000 до 2.500 заболени. Се забранува движење на сите граѓани од 16 до 05 часот наредниот ден, а за викендот 24 часа. Се забранува движењето на јавни површини повеќе од две лица. Донесувањето на овие мерки е заштита на здравјето на секој граѓанин. Фазата во која влегуваме е веројатно фаза во која ги очекуваме најголемите предизвици, ова е нова радикална фаза и за стабилноста на здравствениот систем, заштитата на здравствените работници, за индивидуалното и колективното здравје, за економијата и за одржливоста на социјалниот и општествен контекст, потенцираше техничкиот премиер.
За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.
Годинава Велигден и Рамазан по дома, за да спасиме живот
Премиерот Оливер Спасовски се обрати и до верниците од православната и исламската вероисповед:
– Оваа година Велигден и Рамазан Бајрам ќе ги прославиме дома, преку мобилен, преку интернет, секој од дома, а не собрани по гости. Тоа нема да не направи послаби верници, туку ќе ни го зајакне духот бидејќи знаеме дека на тој начин спасуваме животи. А живот не загрозуваме само ако сме дома. Да се здружиме сите и да го запреме ширењето на вирусот. Сведете ги физичките контакти на минимум и останете дома колку е можно повеќе. Излегувате само ако сте на работа или ако имате нужна потреба. Кога излегувате придржувајте се кон најсоодветните мерки за заштита и хигиена. Активни се повеќе од 1.000 кревети во болниците, но ајде да се покажеме како херои и да не дозволиме да ги полниме креветите по болниците, посочи Спасовски.
Секој од нас, подвлече, е одговорен, затоа сведете ги физичките контакти на минимум, останете дома колку е можно повеќе.