MME кој прв почна. Груевски вели дека вмровците се жртви на реваншизам. А кога го предупредуваа за “Змијско око 1 и 2”, за “Шпион”, за Кежаровски, за сите хајки и лустрации…
ВМРО-ДПМНЕ во неделата вечерта организираше протест пред Владата. Од обраќањата на говорниците, особено од Груевски фалеше само уште да го преземат бунтовниот клик на “шарените”: Нема правда, нема мир!
– Нема да престанеме со протестите додека не се врати правдата! – повика Никола Груевски. Зад него беше оградата и новата фасада на Владата кои тој ги порача да се направат.
Како вистински опозиционер тој најпрво ги броеше сите грешки на новата Влада предводена од Зоран Заев и сите нанесени неправди во економската политика со бројни грешки како и во кадровската политика каде главен предуслов било носителите на функции да се припадници токму на “Шарената револуција”.
Потоа Груевски премина на суштината и ги истакна конкретните барања на ВМРО-ДПМНЕ за главната цел поради која и излегуваат на протести, а тоа е закон за амнестија на учесниците во крвавите настани на 27 април.
“Поднесовме предлог-закон за амнестија. Бараме слобода за патриотите. Бараме слобода за неправедно притворените. Потребно е национално помирување. Потребно е да се запре со неправдите. Да запрат политичките прогони. Да запрат хајките и местенките, притисоците и заплашувањата. Да запрат неправдите во Македонија”, рече Груевски.
Тој заклучи дека на 27 април поединци направиле грешка со нападот врз пратеници, за што на сите повредени им укажа сочуство, но од друга страна за познатите имиња како и пратениците и полициските службеници кои се најдоа во притвор смета дека треба да бидат ослободени од било каква одговорност.
„На 27-ми април незаконски а со тоа и неправедно се назначи претседател на парламентот, се чини свесно темпирано токму во време кога сите знаеја дека се одржува едночасовниот протест на граѓаните пред парламентот кои што претходно 59 дена мирно протестираа. Очигледно со намера да се постави стапица на револтираниот народ. Потоа се случија несакани работи. И денес многу невини луѓе страдаат, а тензиите во општеството растат. Затоа, со сета осуда на насилството од поединци, со целосно сочувство кон оние кои беа физички нападнати и повредени, но земајќи ги во обзир и грешните чекори на власта ВМРО-ДПМНЕ предложи закон за амнестија на учесниците од инцидентот на 27-ми април 2017тата и почеток на период на национално помирување, затоа што овој реваншизам не не води никаде. Доста е”, потенцираше Груевски.
“Владо Јовановски, Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Митко Чавков, неговите колеги и многу други граѓани НЕ се терористи. НЕ се терористи. Тоа е лажно обвинување. Шесте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата НЕ се терористи. Тоа е лажно обвинување, тоа е неправда. Тие само беа на своето работно место во Парламентот и никого ниту убија, ниту повредија”, порача Груевски.
Неправдата, како што кажа Груевски, денес се чувствува на секој чекор, а селективната правда е исто така неправда и создава револт.
“Зборуваат за правда, а неправда на секој чекор. Заробената држава ја крши храброста на луѓето, а стравот станува секојдневие. Луѓето се исплашени, уценети, го потиснуваат своето мислење, затоа што во Македонија почнува да се казнува слободната мисла, а на љубовта кон татковината се гледа како грев за кој почна да се оди и во затвор. Животот никаде го нема, а неправдата и прогонот стануваат име и презиме во секоја област”, порача Груевски додаде и дека политичкиот реваншизам нема да доведе ништо добро и треба да му се стави крај.

ТРКАЛОТО СЕ ВРТИ
Никола Груевски во јануари 2011 година на уредниците на А1 телевизија, кои протестираа пред Владата поради прогонот од страна на обвинителството и судот, им порача: “Што сте дошле тука, обратете се на судот. Тој ве процесираше, а обвинителството ве тужеше. Не е Владата таа која ја затвори А1 телевизија, туку судот. Виновни се тие што ве раководеле и што се огрешиле од законите”.
Тогаш на сите им беше јасно дека Велија Рамкоски мораше да “падне” бидејќи стана пречка за Груевски. И дека обвинителството и судот работеа по волјата на власта. Навистина тркалото се врти!