Седумгодишно австралијче се фали со отсечени глави на сиријци

Децата ги одгледуваат за ”џихад”

Австралиски државјанин, кој се бори во исламската екстремистичка група ИСИС, постави фотографија на „Твитер” на која е прикажан неговиот малолетен син кој во рацете држи пресечена глава на сириски војник, а до неа пишува „тоа е моето момче”, пренесува британски „Индепендент”. Фотографијата наиде на брза и остра осуда од австралиската јавност, но и од австралискиот премиер Тони Абот, кој истакна дека таа овозможува понатамошни докази за тоа колку варварска е исламистичката организација.

 

Според „Аустралиан”, грозоморната фотографија е од синот на осудениот терорист Kалед Шаруф, кој е израснат во Сиднеј и изгледа дека има помалку од десет години, а некои медиуми пренесоа дека детето има седум години. Весникот наведува дека фотографијата ја поставил „гордиот татко” Шаруф и под неа навел дека е фотографирана во северниот сириски град Рака, престолнината на самопрогласениот исламски калифат на ИСИС. Инаку Калед пред да им се придружи на фундаменталистите во Сирија и Ирак добивал $383 долари неделно социјална помош како инвалид од Австралија, се смета дека има уште најмалку 150 други државјани на Австралија што се вклучени во крвавите војни. Искуството покажува дека таквите луѓе потоа се извор на криминал и тероризам во матичните држави доколку се вратат назад.

Премиерот Абот истакна дека Австралија ќе им се придружи на Британија, САД и на другите земји во хуманитарните напори за помагање на десетиците илјади Јазиди заробени на планината Синџар. Тој додаде дека гонењето на малцинството е потенцијална хуманитарна катастрофа.

– Гледаме се’ повеќе и повеќе докази за тоа колку е варварски овој ентитет. Она што всушност треба да го сфатиме е дека Исламската држава, како што тие се нарекуваат, не е само терористичка група. Тоа е терористичка војска и тие тежнеат не само кон создавање терористичка енклава туку кон терористичка држава, терористичка нација – истакна Абот.

Шаруф е меѓу деветтемина муслимани обвинети во 2007 година за собирање материјали за правење бомби и заговарање терористички напади во Сиднеј и во Мелбурн. Тој во 2009 година ја призна вината и беше осуден на четири години затвор, а доби и забрана за напуштање на земјата, но лани го искористил пасошот на својот брат за да ја напушти Австралија со сопругата и трите сина за да се бори во Сирија и во Ирак. Австралиската полиција минатиот месец соопшти дека издала налози за апсење на Шаруф и на неговиот другар Мохамед Еломар, кој исто така е жител на Сиднеј, поради активности поврзани со тероризам. Еломар наводно се појавува на фотографија на твитер-профилот на Шаруф држејќи ги пресечените глави на двајца сириски војници, а во јуни „Аустралиан” објави фотографија од него како позира меѓу телата на масакрирани Ирачани. Двајцата Австралијци ќе бидат уапсени ако се вратат во Австралија.

Во меѓувреме во австралиските медиуми се појавија наслови за почеток на преговори кои може да доведат до тоа американските команданти да можат да испукуваат ракети директно од австралиски бродови. Истовремено, австралискиот министер за одбрана, Дејвид Џонстон, изјави дека Австралија е подготвена да ги поддржи САД во давањето не само на хуманитарна туку и воена помош на Ирак.

– Ние сме подготвени да дадеме секаков вид помош доколку тоа од нас го побараат САД и владата на Ирак – нагласи тој, но додаде дека досега никој не упатил такво барање кон Австралија.

Шаруф e осуден терорист и постојано живеел од социјална помош во Австралија, на сликата е со неговите деца од англоавстралиската жена

Останати вести