… Имено, по капитулацијата на фашистичката бугарска војска, Оточествениот фронт на Бугарија успеа да ја реорганизира постоечката бугарска армија (замислете од фашистичка и окупаторска преку ноќ станува ослободителна) и во согласност на Врховниот командант на НОВЈ, Тито (“омилен” меѓу Бугарите), добива дозвола да учествува во завршните операции за ослободување на Југославија и тоа само на еден нејзин помал дел.
Како резултат на тоа координирано дејствување се налагала и потребата за итен состанок меѓу раководството на бугарските единици, кои требаше да земат учество во завршните операции на дел од Источна Македонија. Состанокот се одржал на 23 септември 1944 година во Пехчево во присуство на генерал-мајор Михаило Апостолски, командант на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, и други со бугарскиот генерал Кецкаров. Она што било договорено било да им се дозволи на бугарските единици да СОДЕЈСТВУВААТ со македонските единици во ослободувањето на Македонија од нацистите. Нивните акции (бугарските) биле назначени од страна на маршал Толбухин на 14 октомври 1944 година и тие биле СОДЕЈСТВО со македонските единци на теренот Царево Село (Делчево), Кочани, Штип, Велес кон Скопје.
За нивното содејствување има голем број архивски документи во кои почесто ќе сретнете и опструирање на содејството од страна на бугарската војска, по што биле разоружувани од партизаните и праќани за Бугарија без оружје. Само, за да не се заборави. Добрата волја на Тито да и дозволи на Бугарија да го испере срамот како сојузник на наци-фашизмот е повеќе од пријателски и добрососедски. Тоа не би го заборавиле пријателите и соседите. Но, по се изгледа, некој е со кратко паметење.
А, на пример, еве како Бугарите го ослободувале Скопје (сеќавање на Боро Чушкар):
„Стигнавме кај железничка станица во последна минута. Бугарските осмореди само што не беа тргнати по главната улица и параден марш. Рипнавме од коњот и Ѓуро и јас. Му пријдовме на најстариот по чин офицер. Беше тоа командант на дивизијата и по чин беше генерал-мајор. Сув, слабичок, жолт некако како лимон. Му пријдов и го прашав: „Знае ли он дека ова не е негова царска Бугарија…Знаеш ли ти генерале дека се наоѓаш во Југославија? Знаеш ли ти дека ние војувавме против вас четири години, да ви ја ебам мајката фашистичка…Знаеш ли ти протуво ена бугарска дека ако направите уште еден единствен чекор кон градот дека ќе наредам во вас да се пука од сите оружја и орудија, што ги има во градот? Се влечете како лешинари позади нас и јавувате преку радио како ја ослободувате Македонија. Каде вие испаливте метак за ослободување на Велес и Скопје, да ви ја ебам мајката, што ви дава за право така огавно и подло да се лажете и себе си и светската јавност. Сместа во овој момент ќе и наредиш на војската да се сврти на лево круг и сите да се вратите во касарните од каде и дојдовте. Дали разбра генерале? Со нас шали ќе нема…”. Му реков таму многу повеќе, а кога завршив, видов дека се уште го држам за градите и го дрмам како дечка играчка. Тој целото време трепереше како штиглица. Но, на крајот сепак отсечно и одлучно рече: „Јасно…другар…Но а’с не с’м виновен, такво нареждане получих…”.
Тогаш јас повторно викнав: „Да им ебам мајката на оние кои ти дале наредба да парадирате тука. Наредби они можат да дадат за изведување на вежби во касарните, каде што ве примивме како гости, а не да ми се маате и парадирате по градот…За тоа само ние можеме да дадеме одобрување, а не твојата посрана влада од Софија…Дали ти е сега јасно?
„Разбирам… Всичко ми е јасно…”.
Толку за ослободителната мисија на Бугарите.
Тие од своја страна тврдат дека во сите извештаи на германската команда Југ (што ја опфаќала теротиријата на Македонија) стоело дека Вермахтот води битки само со бугарските воени единици без дури воопшто да се спомнат партизаните. Според бугарските историчари три бугарски армии се ставени под команда на маршалот Толбухин и од 18 октомври 1944 година натаму дејствуваат на територијата на Југославија преку три правца: Струмица, Крива Паланка и Ниш во пресекување на германските позиции. Овие бугарски армии со вкупно над 100 илјади војници имаат топови, тенкови, авиони… опрема и организиација какви што партизаните немаат. Во битката кај Страцин (10 ноември) искористени се и падобрански единици на бугарската армија за поразување на германските позиции, па следниот ден е ослободено Куманово, велат историчарите од Софија. Потоа следува протерувањето на Германците од Скопје, па од цело Косово и јужна Србија. Бугарските единици учествуваат во борбите на Сремскиот фронт а подоцна, со Црвената армија, влегуваат и во Унгарија и Австрија. На територијата на поранешна Југославија во овие борби наводно загинале над 3.000 бугарски војници. Нивните гробови расеани по населените места биле сведоштво за борбите против Германците во кои учествувала бугарската војска. Но, како што велат понатаму, за да се прикрие нивната улога во ослободувањето, во 1963 година со одлука на југословенските власти коските на овие паднати бугарски војници се собрани во две костурници – во Ниш (останките на нешто над 2.000) и во Вуковар (нешто над 1.000). И оттогаш во југословенската историографија засекогаш е избришана улогата на Бугарите во ослободувањето на Југославија, слично како што се сакало да се скрие улогата на Црвената армија (ослободувањето на Белград), тврдат софиските историчари.
