„Шенгенот“ се распаѓа под бегалскиот бран

Берлин призна дека веќе не може да се справи со приливот, откако бројот на лицата кои влегуваа во Германија достигна речиси 150 на час.

Кризата со мигрантите во Европа ескалираше минатата ноќ кога повторно беа воведени гранични контроли, а Германија призна дека веќе не може да се справи со приливот. Берлин се обидуваше да ги критикува другите – вклучувајќи ја и Велика Британија – дека не примаат доволно бегалци откако најави дека повеќе нема да ги депортира оние кои доаѓаат од Сирија.
Но, зоната за патување без пасоши на ЕУ е на работ на пропаѓање откако Германија беше принудена да побара од Италија да ги заостри контролите на границите.
Додека тензиите меѓу европските лидери кои не можат да се договорат како да се справат со кризата, зовриваат, министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак изјави дека „Шенгенскиот договор” за отстранување на граничните контроли меѓу 26 европски земји се распаѓа.
Минатата ноќ, кога бројот на лицата кои влегуваа во Германија достигна речиси 150 на час, таа побара од Италија да воведе контроли за идентификација на Бренеро, на границата со Австрија, за да се олесни протокот. Невиден наплив на мигранти се обидува да стигне до земјата, откако Берлин минатата недела почна да ги прифаќа барањата за азил од сириските бегалци без оглед од каде влегле во ЕУ.
Тоа предизвика хаос во источниот дел на Европа додека властите се борат да се справат со огромниот број мигранти без документи, на кои теоретски им е забрането да патуваат низ ЕУ. Податоците објавени вчера покажаа дека рекордни 104.460 баратели на азил пристигнале во Германија минатиот месец.
Германските официјални претставници минатата ноќ инсистираа дека барањето да се зајакнат граничните контроли е „привремена мерка”. Но, Лајчак изјави дека Шенгенскиот договор „де факто се распаднал”. „Има десетици илјади луѓе кои шетаат тука без некој да ги провери”, рече тој. „Значи, дали имаме Шенген, или не?”
Стефан Мајер, висок пратеник во партијата на германската лидерка Ангела Меркел, рече: „Мислам дека „Шенгенскиот договор” не е завршен … Но, секако ја гледам опасноста дека ако не е можно на долг рок да се применат европските правила за азил, дека тоа директно го уништува и го загрозува ‘Шенгенскиот договор'”.
Во Чешката Република, околу 200 мигранти кои се обидуваа да се упатат кон Германија од Унгарија, беа пренесени со возови во јужниот регион Моравија. Полицајците користеа маркери да ги нумерираат бегалците, меѓу кои имаше десетици деца.
Во Австрија, 24 авганистански бегалци беа спасени од напуштен камион. Тие биле заклучени во камионот и оставени да се задушат.
Во Грција, во Атина пристигнаа траекти со над 4.000 мигранти од островот Кос. Бегалците го пробија полицискиот кордон во нови судири на грчката граница со Македонија.
Камион од Холандија со 20 мигранти, меѓу кои и две деца, беше пресретнат од припадници на британските гранични сили во пристаништето Тајн во Норт Шилдс. Мигранти од Албанија и од Сирија беа приведени, а 32-годишен Полјак беше уапсен.

(Дејли меил)

Останати вести