Џек Милер од Австралија го приреди изнeнадувањето на сезоната на Светското мотоциклистичко првенство.
Возачот на сателитскиот тим на Хонда, Естрела Галисија триумфираше за прв пат во кариерата и тоа на трилер трката во Асен што се возеше во услови на дожд, пред актуелниот првак Шпанецот Марк Маркез. За сензацијата да биде поголема се погрижи Британецот Скот Рединг на Прамак Дукати кој по втор пат во кариерата заврши помеѓу најдобрите тројца на трка од Кралската класа. Холандското Гран при во најсилната категорија се одвиваше во два дела. Организаторот беше принуден да реагира од безбедносни причини поради силниот дожд после 14. круг кога доминираа возачите на Дукати, Петручи и Јаноне. По рестартот, во последните 12 кругови изгледаше дека Валентино Роси на Јамаха ќе биде недостижен, но Италијанецот слично како и неговите сонародници излета од патеката и му направи услуга на Маркез кој со пласман на 2.место зад победникот Милер, ја зголеми предност во генералата. После осум трки младиот Шпанец има 24 бодови пред сонародникот Лоренцо. Во Мото 2 категоријата победи Јапонецот Такаки Накагами на Калекс пред актуелниот првак, Французинот Јохан Зарко и Франко Морбидели од Италија. Во најмалата Мото 3 класа, комплетен триумф на Италијанците. Победи Франческо Бањаја на Махиндра пред Фабио Ди Џанантонио со Хонда и Андреа Мињо на КТМ. Следната 9. трка од сезоната ќе се вози во Германија на 17 јули.