Сè било пропаганда: cтудентот само глумел, нема да оди на робија во Северна Кореја

Се чини целото тоа судење, кое за чудо се појави и на севернокорејската телевизија, било само добра глума и изрежирана пропаганда на режимот од Пјонгјанг, а со цел да им се укаже на Севернокорејците дека државата нема милост кон странците

Цел свет се шокира од судењето на американскиот студент Ото Вормбиер, кој поради бизарно одлепување политички постер е осуден на робија со тешка работа во траење од 15 години во работничките кампови на Северна Кореја. Сепак, се чини целото тоа судење, кое за чудо се појави и на севернокорејската телевизија, било само добра глума и изрежирана пропаганда на режимот од Пјонгјанг, а со цел да им се укаже на Севернокорејците дека државата нема милост кон странците.
Дека се работи за изрежирана претстава за јавноста, тврди и професорот Леонид Петров од Австралискиот универзитет. Тој тврди дека студентот Вормбиер не само што нема да биде казнет туку ќе биде и добро награден од режимот.
– Вормбиер е исклучително паметно момче. На судењето го гледаме како во солзи моли да го види своето семејство, но во основа тој сака да остане во Пјонгјанг. Неговото плачење и лелекање се чиста глума, и тоа лоша глума – вели Петров.
Професорот тврди дека сцената со стражарското одведување на студентот е наменета за граѓаните на Северна Кореја, а со цел да им се покаже дека државата не дозволува кој било да ја погазува нивната национална гордост.
– Неговата улога е за Севернокорејците, за да веруваат дека нацијата им е најмоќна. Тој доброволно е заложник и за тоа богато ќе биде награден. Далеку од тоа дека Вормбиер ќе биде одведен во рудници или на оризовите полиња. Доколку го одведат, тоа ќе биде само за потребите на пропагандата – вели Петров.
Професорот од Австралија нагласува дека студентот многу добро ги познава состојбите во Северна Кореја.
– Внимавајте, тоа е негова трета посета на Северна Кореја. Не е глупав, знае како функционираат работите таму. Влегол во дел од хотелот кој е забранет за туристи и за кој никој не ни знае дека постои. Верувајте, тој не е наивен, а уште помалку, пак, е жртва. Тој сега е жртва единствено во очите на Американците, што значи де­ка целта е исполнета – категоричен е професорот.

Останати вести