Северна Кореја да ги запре сите планови за нуклеарни активности и активности со ракети „поради сопствената безбедност”, порача угледниот кинески весник, предупредувајќи дека САД јасно покажуваат дека не планираат да „коегзистираат” со Пјонгјанг кој има нуклеарно оружје.
Севернокорејските државни медиуми предупредија на можноста за нуклеарен напад врз САД доколку забележат каков било знак за американска агресија, во моменти кога американска поморска група бродови се движи кон западниот Пацифик, сила која претседател Доналд Трамп ја опиша како „армада”.
Трамп ја повика Кина да направи повеќе за да го заузда „сиромашниот сојузник”, и на „Твитер” напиша дека Северна Кореја „бара неволја” и дека САД „ќе го реши проблемот” со или без помош на Пекинг.
Корејскиот Полуостров не бил толку блиску до „воен конфликт”, од првата нуклеарна проба која Северна Кореја ја изврши во 2006 година, се вели во уводникот во влијателниот кинески национален таблоид „Глобал тајмс”.
„Не само што Вашингтон е полн со самоувереност и ароганција по ракетните напади врз Сирија, туку Трамп, исто така, сака да се смета за човек кој ги исполнува своите ветувања”, се вели во „Народен дневник”, весник што го издава кинеската Комунистичка партија.
„Пјонгјанг треба да избегнува грешки во овој момент”, пишува „Глобал тајмс”, чија позиција не може да се поистовети со политиката на кинеската влада, но предупредува дека Пекинг веројатно силно ќе реагира на каков било нуклеарен ли ракетен тест на Северна Кореја.
„Доколку Северот направи уште еден провокативен потег овој месец, кинеското општество ќе сака да види дека (Советот за безбедност на ОН) се преземаат остри рестриктивни мерки кои досега не се видени, како што се ограничување на увозот на нафта за север”, пишува весникот.
Се очекува Пјонгјанг в сабота со воена парада да ја одбележи 105-годишнината од раѓањето на Ким Ил-сунг, основачот на Северна Кореја и дедо на сегашниот владетел Ким Јонг-ун. Северна Кореја често означува значајни годишнини со тестирање на своето нуклеарно оружје или проектили.
(Јутарњи лист)